Peter Hook ќе ја отсвири целата музика на Joy Division, 35 години по смртта на фронтменот

Peter Hook најави дека ќе ја изведе целата досегашна музика на групата Joy Division во еден концерт кој ќе го одржи во црквата „Macclesfield“ во мај. Со концертот треба да се одбележи 35-фодишнината од смртта на пејачот на бендот Ian Curtis, јавува NME.

Hook и неговиот сегашен бенд „The Light“ ќе ја отсвират секоја песна од групата по хронолошки редослед, вклучувајќи ги и двата студиски албуми „Unknown Pleasures“ и „Closer“. Тие ќе го изведат и албумот кој беше постхумно објавен „ Still“, но и други ретки песни. Според Hook, наследството на групата е донекаде занемарено со оглед на последователниот успех на New Order. Во поглед на престојниот концерт кој ќе се одржи во црквата Macclesfield тој вели: „За 35-годишнината решив дека за да се направи соодветна прослава треба да се отсвири целата музика. Тоа ќе биде секоја песна што ја напишале и снимале Joy Division. Тоа е еден вид на маратон. Вкупно се 48 песни, кои ги опфаќаат сите синглови и песни од албуми. Знаете што, нема ниту една со лош квалитет! Би сакал да можев да го кажам тоа и за New Order“.

Насловот на ова шоу е „So This Is Permanence“ како дел од стиховите на песната „Twenty Four Hours“ од албумот „Closer“. Сите средства кои ќе бидат собрани од настапот ќе бидат донирани на Здружението за лица со епилепсија, како и за реставрација на црквата.