Петар Атанасов именуван за нов заменик министер за образование и наука

Собранието на Република Македонија вчера со 61 глас „за“ и 4 „против“ го избра Петар Атанасов за заменик министер за образование и наука.

Атанасов на функцијата заменик министер доаѓа откако во 2016 година беше избран за пратеник во Собранието на Република Македонија, каде што досега ја водеше и Комисијата за образование, наука и спорт.

Има докторирано социолошки науки на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања на тема „Мултикултурализмот како идеја, теорија и практика“.

Својата професионална кариера ја започнува на почетокот на 1990-та година како новинар во Македонската телевизија, а од 1994 до 2001 година работи во Министерството за одбрана како советник за односи со јавност и портпарол, а подоцна и уредник во секторот за издавачка дејност во министерството.

Во 2006-2007 година предава на Универзитетот во Сараево, а од 2011 година е редовен професор на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања.

Во септември 2012 година станува член на Советот за образование на СДСМ, а од 2014 е претседател на Комисијата за образование и наука на СДСМ.

Атанасов има објавено повеќе од 50 научни и стручни трудови, главно поврзани со мултикултурализмот, националниот идентитет, етничките конфликти, безбедноста и постконфликтната рехабилитација и за социо-економскиот развој, образованието, културната и социјална исклученост и човековиот развој.

Претседателот на Владата, Зоран Заев, рече дека Атанасов заедно со министерот за образование и наука Арбер Адеми ќе работи на спроведување на реформите во основното и средното образование, новиот закон за високо образование, а во моментот се усвојуваат и статутите на универзитетите во државата.

„Конечна цел е да направиме еден нов прагматизам кој на младите, на децата ќе им се најде во животот согласно потребите на пазарот на трудот и она што претставува очекување и на младите генерации и на нас родителите. Човекот доаѓа со една целосна преокупација, со јасна визија за реформите извлечена од дебатата која постои во општеството. Верувам дека навистина ќе направиме образовен систем кој дефинитивно ќе биде нешто со кое сите ќе се гордееме. Верувам дека успешно ќе ја извршува својата функција како заменик-министер за образование“, рече Заев.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ посочија дека изминативе 15 месеци многу ветувања во образованието не се реализирани од оваа власт.

„Го укинавте екстерното, но ветивте и дека ќе понудите нов концепт за надворешно оценување на знаењата и објективност при оценувањето на учениците и наставниците. Петнаесет месеци чекаме, уште таков концепт немате понудено, а граѓаните очекуваат реализација на таков концепт. Денар не е зголемена платата на наставниците, ветувавте дека ќе ги зголемите стипендиите и ученичките кредити и дека ќе го подобрите статусот на ученик и студент, нови студентски домови“, истакна Драган Данев, од ВМРО-ДПМНЕ.