Петар Андоновски најуспешен домашен автор меѓу двата саеми на книга според Асоцијацијата на издавачи

Четврта година по ред Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) доделува награди в0 повеќе категории за периодот меѓу двата саема (мај 2019 – септември 2020).

Признанието за најуспешен домашен автор му припадна на писателот Петар Андоновски, додека на првите три места се најдоја и Билјана С. Црвенковска и Ана Јовковска.

„Првото место комисијата одлучи да му го додели на македонскиот писател Петар Андоновски поради неговата популарност меѓу двата саема, добивањето на Европската награда за литература, двете речиси распродадени изданија во Македонија и тековните преводи на романот „Страв од варвари“ во Велика Британија, Хрватска, Бугарија и Србија. Авторот е постојано присутен во медиумите кај нас, а својата популарност надвор од земјава ја докажува и со присуството на многу книжевни настани и резиденции во регионот“, стои во образложението за признанието на МАИ.

„Македонски книжевни класици“Петре М. Андреевски, на издавачката куќа „Арс ламина“, е прогласена за најдобра едиција, како и за најдобро ликовно-графички уредено издание. „Мочурливци“ од Барбара Симонити, го доби признанието за најдобра книга за деца и млади, а „Ѕвезда Мрак и суштествата од Страшкоград“ од Билјана С. Црвенковска, е победник во категоријата за најкреативно издание, а Електронската апликација на Kniga.mk на Издавачкиот центар „Три“ го доби признанието за иновативност.

„Карантински приказни“ на издавачката куќа „Три“ го доби признанието за поттикнување општествена одговорност, додека кампањата „Читањето е супермоќ“ на „Арс ламина“ беше наградена со специјално признание за промотор на читачката култура.

Комисијата која одлучуваше за признанијата беше составена од новинарот Тони Димков, писателот Иван Шопов и Наташа Атанасова од МАИ.

Доделувањето на наградите ќе се одржи утре, (11 септември) во 11 часот, во промо центарот на Саемот на книгата.

Детални образложенија за сите признанија може да најдете на следниов ЛИНК.