Петар Андоновски е добитник на Европската награда за литература

Македонскиот писател Петар Андоновски за својот роман „Страв од варвари“, во издание на „Или-Или“, е добитник на Европската награда за литература. Тој е добитник на ова признание заедно со уште 13 европски писатели.

Покрај Андоновски, во потесната конкуренција за наградата има уште тројца македонски писатели – Давор Стојановски со „Утеха за голите“, Ѓорѓи Крстевски со „Другата страна“ и Михајло Свидерски со „Последните денови на Ханс“.

Во потесниот избор за наградата имало 47 автори од 13 европски земји.

Петар Андоновски е автор и на делата „Ментален простор“ (поезија, 2008), „Очи со боја на чевли“ (роман, 2013, три изданија), „Телото во кое треба да се живее“ (роман, 2015, три изданија). Досегашни добитници на наградата за литература на ЕУ се Гоце Смилевски во 2010 за делото „Сестрата на Зигмунд Фројд“ и Лидија Димковска во 2013 за „Резервен живот“.