Пет студенти од Македонија ќе ја посетат Кина за да учат за најновите ИКТ достигнувања

Пет студенти од областа на информатички технологии и телекомуникации ќе престојуваат во Кина на двонеделна студиска посета, каде ќе имаат можност да ги надградат своите знаења.

Тие се третата генерација на студенти кои ќе бидат вклучени во програмата „Huawei Seeds for the Future“, која претставува соработка меѓу компанијата „Хуавеи“ и Министерството за информатичко општество и администрација.

Студентите ќе имаат можност да бидат сведоци во демонстрацијата на најновите ИКТ достигнувања, да учествуваат во работилници каде што ќе се сретнат со високи извршни директори и експерти од „Хуавеи“. Исто така ќе посетат и часови по кинески јазик, кинеско сликање и калиграфија. Сите трошоци ќе бидат покриени од компанијата.

„Ви се нуди шанса и вие да се обидете да започнете сопствена идеја, иновација, бизнис, врз основа на тоа што вие го имате како иновативна идеја. Преку младинската гаранција, низ низа мерки, преку Фондот за иновации и технолошки развој, Агенцијата за вработување, Министерството за труд и социјална политика, ви се нудат шанси како да започнете бизнис“, истакна министерот Дамјан Манчевски.

Обраќање имаше и амбасадорката на Народна Република Кина во Македонија Jин Лисјен која изрази надеж дека посетата на студентите ќе биде успешна и продуктивна, во исто време заблагодарувајќи и се на владата на Република Македонија за поддршката на програмата на „Хуавеи“.