Пет новинарски организации доставија предлог за измена на Законот за медиуми

Петте новинарски и медиумски организации, ЗНМ, ССНМ, СЕМ, МИМ и ИКC денеска во Собранието го доставија предлогот на европскиот медијатор Питер Ван Хауте за итна измена и дополнување на Законот за аудио и аудио визуелни медиумски услуги, како добра основа за вовед во медиумските реформи во Република Македонија.

„Иницијативата ја поднесуваме до сите пратеници на Собранието на РМ со цел да продолжи дебатата за медиумските реформи откако пропаднаа разговорите меѓу потписниците на договорот од Пржино. Очекуваме за иницијативата да се разговара темелно и транспарентно со вклученост на сите медиумски организации за да дојдеме до најдоброто можно решение“, изјави претседателот на ЗНМ Насер Селмани.

Тие велат дека остануваат посветени на усвојувањето на медиумските реформи кои не подразбираат само законски измени, туку и нивна ефективна имплементација. Очекуваат поддршка од сите пратеници, а бараат Претседателот на Собранието итно да закаже седница на која ќе се расправа за ова прашање.