Пет нови случаи на коронавирус, бројката се искачи на 31 лице

Дијагностицирани се пет нови случаи на заболени од новиот коронавирус во земјава, од кои четири се здравствени работници од Дебар. Со ова вкупната бројка на заболени во земјата изнесува 31, соопшти на вечерашната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

Дел од заразените во Дебар се само носители на вирусот, позитивни, вели Филипче, а додава дека веројатно е дека тие ќе ја развијат болеста. Тестираните пациенти, како што соопшти тој, биле дел од поширокиот скрининг кој започна да се прави денеска во регионот, а кој беше најавен пред неколку дена.

„Од утре во болницата во Дебар, заради тоа што овие матични лекари сепак вршеле сериозна работа, давале здравствени услуги, ќе престојуваат и двајца доктори од Клиниката за пулмологија за да го надополнат капацитетот и да помогнат на останатите здравствени работници, епидемиологот и тројцата инфектолози, вклучително и нашиот од клиниката кој што се веќе таму, во однос на скринингот, третманот, домашните визити на пациентите кои се лекуваат таму во Дебар“, соопшти Филипче.

Министерот потенцираше се целосно свесни дека здравствените работници се најекспонирани за време на работата, но и надвор од здравствените установи. Тој надополни дека нема да има оправдување за тие што не се придржуваат до мерките кои се донесени од Владата.

„Мора да биде нивото на свест за почитување на овие одлуки исклучително високо, заради тоа што од тоа зависи јавното здравје, важно за сите нас, исклучително важно за здравствените работници“, рече министерот.

Уште еднаш упати порака до граѓаните да останат дома и строго да се придржуваат од мерките за заштита и превенција, а до медицинските лица упати порака дека трудот, напорот и улогата која што се дава во моментов е непроценлива.

Докторот Арбен Аголи од Дебар кој пред некој ден објави фотографија со натпис „Ние сме на работа, вие седете дома” заедно со неговите колешки, денеска на својот Фејсбук профил објави дека од утре амбулантата во Дебар е под карантин две недели, бидејќи персоналот бил позитивен на коронавирусот.

Доктор од Дебар со порака до граѓаните: „Ние сме на работа, вие седете дома“

М.К.