Доктор од Дебар со порака до граѓаните: „Ние сме на работа, вие седете дома“

„Ние сме на работа, вие седете дома“, гласеше пораката која докторот од Дебар, Арбен Аголи, ја испрати до граѓаните преку социјалните мрежи. Аголи, на својот „Фејсбук“ профил објави фотографија со порака на македонски и албански јазик.

Во Дебар и Центар Жупа од вчера е прогласена кризна состојба и преземени се построги мерки против коронавирусот. Затворени се сите локали и занаетчиски дуќани, а состојбата е мирна.

Во денешната прес-конференција, Министерот за здравство, Венко Филипче,  информираше за состојбата во Дебар. Тој соопшти дека четирите пациенти на кои им беше дијагностициран коронавирус, од Дебар ќе се префрлат во Скопје.

„Болницата во Дебар е организирана, а епидемиолог и инфектолози од болницата и од Дебарската бања се на располагање за сите пациенти од овој регион. Тие ќе работат во една или две смени, а ќе бидат на повик континуирано. Во дебарската болница ќе има одделено физичко одделение со посебен влез, во кое треба да се упатуваат и на преглед да се јават сите пациенти од овој регион кои ќе добијат симптоми“, изјави министерот Филипче.

Во земјава моментално за коронавирусот се тестираат девет лица.