Пешаците и младите возачи се најризични и најзагрозени учесници во сообраќајот

Пешаците и младите возачи се најризични и најзагрозени учесници во сообраќајот на патиштата, констатираат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата потсетувајќи на двете стравотни несреќи во Скопје каде животот го загубија две лица.

Вчера во сообраќајна несреќа кај Унивезалната сала почина 20 годишна девојка од Крива Крива паланка откако беше удрена од автомобил „Хонда“, управуван од 26 годишен возач. Мотоциклистот пак што во понеделникот усмрти 76-годишен пешак, на булеварот Kочо Рацин во близина на Олимпискиот базен во Скопје, немал положено возачки испит и имал 17 години.

„Затоа апелираме до пешаците: Внимателни и одговорно да се однесуваат во сообраќајот, да ја преминуваат улицата исклучиво на пешачки премин, да поминуваат исклучиво на зелен пешачки семафор, пред да ја поминат улицата задолжително да погледнат на двете страни од улицата и внимателно да проценат дали се во состојба безбедно да ја преминат улицата доколку се колебливи, подобро да почекаат некој нареден момент во кој ќе бидат сигурни дека можат безбедно да јапоминат улицата. Посебен апел упатуваме до повозрасните граѓани: да внимаваат и да ги почитуваат сообраќајните правила при учеството во сообраќајот, движењето и преминувањето на улица.

Апелираме и до возачите, посебно до младите и помалку искусни возачи, да бидат внимателни во сообраќајот, бидејки брзото возење убива. Управувањето на моторно возило, воланот во рака е висока одговорност, која бара смиреност, карактер, знаење. Агресивното однесување во сообраќајот е потенцијално убиство. На крајот уште еднаш апелираме до сите учесници во сообраќајот: бидете внимателни и однесувајте се одговорно во сообраќајот. Затоа што сообраќајот не е игра“, се вели во соопштението на Советот.

За само три месеци од почетокот на годинава, 23 лица го загубиле животот во сообраќајни несреќи во земјава.