Пентагон претстави брод без капетан и посада

Дроновите, автомобилите и камионите со автоматско управување не се единствените возила на кои во иднина нема да им биде потребен возач – американската војска деновиве го претстави новиот брод „Морски ловец“, кој треба да плови без капетан и без никаква посада.

Ова „беспилотно пловило“ е долго 132 метри, а може да плови и до 10 000 наутички милји во потрага по непријателски бродови и подморници. Бродот ќе се тестира во следните две години, пред да биде донесена одлука за негово вклучување во силите на американската Воена морнарица.

За разлика од помалите пловила со далечинско управување, овој брод е апсолутно самостоен во сите фактори на пловидбата.

„Морскиот ловец“ се потпира врз систем од радари, сонари, камери и глобално позиционирање (ГПС). За време на тестирањето, бродот ќе има човечка посада. Во иднина, беспилотните бродови ќе може да учествуваат во разни мисии, со што ќе се намали можноста од човечки жртви во оружените судири, велат од американската војска. На ова одговори Меѓународниот синдикат на поморските работници, кој обединува околу милион бродски и пристанишни работници – оттаму велат дека не веруваат дека е можно каква било технологија во скоро време да го замени човечкиот фактор во предвидувањето и реагирањето на се што може да се случи на отворено море.