Пендаровски: Нови 14 дена вонредна состојба

Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски одлучи да прогласи нова вонредна состојба во траење од 14 дена. Тој својата одлука ја образложи дека е потребна за справување со економските ефекти поврзани со пандемијата, како и со заокружување на здравствените одговори на коронавирусот.

„По широките консултации со експерти од повеќе области, а во основа пред сè на кажаното на седницата, одлучив да прогласам нова вонредна состојба во траење од само 14 дена, наместо бараните 30. Со оглед на позитивните трендови на смирување на состојбата со пандемијата сметам дека се доволни“, рече Пендаровски.

Оваа одлука Претседателот ја соопшти по шестата седница на Советот за безбедност, на која Владата и Комисијата за заразни болести побараа нови 30 дена вонредна состојба.

„Советот за безбедност заклучи дека институциите работат координирано со сите капацитети и ресурси за справување со епидемијата. Ситуацијата е подобрена, во споредба со изминатиот период. Евидентно е дека стратегијата за справување со коронавирусот дава резултати, што укажува дека како држава добро се справуваме со овој предизвик“, додаде Пендаровски.

Пендаровски отфрли дека новата одлука за вонредна состојба има било каква поврзаност со организирањето на предвремените избори. Тој истовремено упати апел до Владата да размислува за постепено намалување на рестрикциите за движење на граѓаните и работата на стопанските субјекти.

Актуелната одлука за вонредна состојба во Северна Македонија завршуваше утре, но со новата одлука се продолжува до крајот на мај.