Пекинг воведува анти-смог полиција за справување со аерозагадувањето

Властите од Пекинг ќе формираат еколошки полициски сили чија цел ќе биде борба со смртоносниот смог, откако главниот град на Кина ја помина првата недела од 2017 година во магла предизвикана од загадувањето на воздухот.

Новите полициски служби ќе патролираат низ улиците во потрага по валкани улици, горење на ѓубре и луѓе кои прават скара на отворено, што претставува кршење на прописите, соопштил викендов градоначалникот на Пекинг, Цај Ќи.

Пекинг ќе ја затвори и последната термоцентрала на јаглен со што би се намалило користењето на јаглен за 30% оваа година, дополнил Цај според државните кинески медиуми. Надлежните ќе затворат 500 фабрики, а 300 илјади постари возила ќе бидат повлечени од употреба.

„Останува уште многу работа до исполнување на очекувањата на јавноста“, додал градоначалникот, признавајќи дека секое утро по будењето го проверува квалитетот на воздухот паралелно со временската прогноза.

Пекинг постојано е зафатен од токсичен смог и количините на аерозагадувањето во 2015-та биле повеќе од 8 пати над дозволените од Светската здравствена организација.

Пред 3 години Кина објави „војна на загадувањето“, но тешко ги правеше потребните промени на кои јавноста се надеваше, додека владините инспекции постојано се соочуваа со загадување кое го крши законот.

Минатата недела, инспекциски тимови од Министерството за екологија открија дека некои компании продолжуваат со функционирање и покрај забраните од властите, познати како „црвен аларм“, насочен кон намалување на смогот. Повеќе од 500 градежни локации и бизниси, како и 10 илјади возила ги нарушуваа мерките за намалување на загадувањето на воздухот.

Новата полиција во Пекинг, сепак не може премногу да направи за да помогне на жителите да дишат полесно. Нејзиниот фокус е ставен на локални, улични извори на загадување и немаат надлежност за индустриското загадување, како фабриките за челик и термоелектраните на јаглен кои се наоѓаат надвор од границите на градот, во соседната провинција Хебеи, или за повеќе од 5 милиони возила кои се движат по патиштата. Според Министерството за екологија, сообраќајот придонесува со 31% во загадување на воздухот.

И покрај тоа што надлежните се свесни дека тешката индустрија и автомобилите се најголеми извори на загадување, Владата не се одлучувала да воведе поголеми промени во страв од економски последици и потенцијално незадоволство од отпуштените работници.

„Коренот на проблемите со смогот во регионот, од долгорочна перспектива, е нечистата индустрија и енергетскиот микс, за кој се потребни големи промени“, посочува министерот за екологија, Чен Џининг, кој додава и дека се „чувствува виновен“ за токсичната магла.

Образовните власти на Пекинг попуштија на јавниот притисок минатата недела, прифаќајќи да инсталираат филтри за воздух во училниците по повеќе од една година кампања на загрижените родители.

Студија од почетокот на годинава утврди дека аерозагадувањето е поврзано со најмалку еден милион изгубени животи годишно во Кина и е причинител за третина од сите смртни случаи во големите градови, на исто ниво со пушењето. Друго истражување утврдило дека смогот го скратило животниот век на граѓаните за 5 и пол години во некои делови од Кина.