Пекинг прогласи црвена тревога поради загадувањето

Градските власти на Пекинг денеска објавија црвено предупредување од 17 до 21 декември поради високото ниво на загадување на воздухот, соопштија од бирото за заштита на човековата средина, пренесува Мета.

Во соопштението се укажува на прогнозата на кинескиот центар за еколошки надзор, во која се предупредува дека концентрацијата на смог ќе биде зголемена во Пекинг и во околината, вклучувајќи ги и градовите Тјанџин и Хебеи, како и во провинциите Шандонг и Хуман.

Системот за предупредување со бои е воведен минатата година во Пекинг во рамки на ветувањата на властите дека ќе го намалат загадувањето.

Меѓу другото, заштитниците на животната средина во Пекинг ја разгледуваат можноста за забрана на употребата на камиони за транспорт на јаглен и затворање на објекти за складирање на јаглен во Тијанџин, едно од најпрометните пристаништа на Кина. Тијанџин пристаништето е второ по големина и е клучниот центар за тргување со 100 милиони тони годишно на јаглен.