Пејачот од U2 соопшти дека можеби никогаш повеќе нема да свири на гитара

Фронтменот на групата U2, Боно, стравува дека никогаш повеќе нема да може да свири на гитара по сообраќајната несреќа со мотоцикл во ноември, пишува пејачот во писмото „A to Z of 2014“ објавено на нивната веб-страница.

Боно во писмото пишува дека закрепнувањето било потешко отколку што мислел.

„Додека го пишувам ова, не е сосема јасно дали некогаш ќе можам повторно да свирам на гитара. Бендот ме потсети дека ниту тие, ниту западната цивилизација не зависат од тоа“.

Тој во несреќата го повреди своето рамо со скршеници на шест места. Боно започна да свири на гитара во бендот, но сега многу ретко го користи инструментот.

Како што соопштува пејачот, од несреќата се здобил со титаниум на лактот. Тој пишува дека писмото ќе биде единствениот начин на комуникација до првата половина од 2015 година додека заздравува и се подготвува за следната турнеја на U2. Дотогаш, тој го откажа секој свој јавен настап.