Црвениот крст на Карпош, Гостивар и Куманово се добитници на „ПХВ ПЕХАР“, наградата која се доделува за промоција на хумани вредности. Овие три општински организации на Црвениот крст на Македонија имале најголем број на мали проекти кои резултираат со трајни промени во заедницата.
Во Гостивар е реновирано училиштето „Наим Фрашери“, реализирани биле спротски активности а направена била и рампа за хендикепирани лица на влезот во Центарот за култура. Во Карпош младите реновирале катче за престој на децата мигранти во центарот во Лојане, кој го раководи Црвен крст на град Скопје, а во Куманово е реновиран дворот на на техничко училиште, а реализиран е и проект „Заедно живеме и учиме“, преку кој е реализиран курс за албански и македонски јазик за волонтерите од овој град.
Од Црвениот крст информираат дека оваа година се изработени 173 мали проекти преку кои им се помага краткорочно или долгорочно на околу 3.000 лица во Македонија, во кои биле вложени преку 30.000 волонтерски часа.
Наградите ќе се доделат утре, во 11 часот, во Музеј на град Скопје.
Програмата Црвен крст во Акција- Промоција на Хумани Вредности (ЦКА-ПХВ) претставува национална алатка за привлекување и задржување на волонтери во Црвениот крст на Р.Македонија. Програмата се имплементира во сите Општински организации на Црвен крст веќе 18 години и на годишно ниво обучува околу 1200 младинци, потенцијални волонтери во организацијата и 40 дисеминатори кои работаат со младинците.
Младите во текот на овие обуки добиваат практични знаења како да изработуваат мали проекти за добробит на заедницата во која живеат и се охрабрени да ги користат сопствените капацитети за изработка на проектите преку кои помагаат на ранливото население.
Истовремено се обучуваат за вредностите на Црвениот крст, учат за културата како систем од вредности и за дијалогот како основен предуслов за градење на интеркултурно општество.