Педесет македонски наставници дел од конференцијата „Светот на образованието ги брише границите“

Изминатиот викенд во Будва, Црна Гора се одржа Втората Регионална конференција „Светот на образованието ги брише границите“ во организација на Асоцијацијата на најдобри наставници од поранешните југословенски републики (ANN_EKS YU).  На неа присуствуваа околу 200 наставници од 6 држави. Од земјава пак учествуваа околу 50 наставници од сите нивоа на образование вклучително и предучилишното, како и претставници од Бирото за развој на образованието и од Министерството за образование и наука на РС Македонија.

Во делот на високото образование, присуствуваа професорките Катерина Русевска од Институтот за биологија и Марина Стојановска од Институт за хемија на Природно-математичкиот факултет од Скопје.

Професорката Стојановска, која беше одбрана за еден од 15-те предавачи на конференцијата, на конференцијата говореше за предизвиците и можните решенија поврзани со наставата по хемија во училиштата и на факултетите во нашата држава.

„Акцентот го ставив на наставникот како клучен фактор за квалитетно образование на учениците и дадов кус преглед на состојбата на училиштата и факултетите во поглед на опременоста со лабораториски прибор и нагледни средства за работа, како и на професионалниот развој на наставниците. Понудив една идеја за реализација на наставна активност која би можела да го надокнади недостатокот од услови за лабораториска работа, а во исто време да има позитивен ефект кај учениците во поглед на стекнување знаења и вештини. Станува збор за трансформација на традиционалната училница во escape room училница. Овој пристап овозможува учениците да решаваат проблеми и да стекнуваат практични вештини на нов, интересен начин, промовира критичко и креативно размислување, поттикнува комуникација и соработка, а учениците развиваат позитивен став кон хемијата“, вели професорката.

Во официјалниот дел на конференцијата пред присутните беа презентирани добри наставни практики од страна на неформалните носители на образовните реформи во регионот,  со што можеа да стекнат увид во нивната иновативна работа, која може да биде силен двигател и на формалните образовни реформи кои се присутни во сите овие држави. Беа одржани 15 предавања, а сите учесници имаа можност да ги погледнат најдобрите 38 постерски презентации.

Наставничката Александра Блажевска, ООУ „Јан Амос Коменски“ во Скопје пак се стекна со титулата најдобар наставник на бившите Југословенски републики.

„ Чест и задоволство е да се биде дел од ова семејство на наставници ентузијасти и реформатори на  кои им е „тесна“ училницата, па сакаат да придонесат кон подобро образование на идните генерации. Но, тоа подразбира и одговорност понатаму да продолжам да ја работам мојата работа најдобро што знам, да ја афирмирам наставничката професија, да го споделувам моето искуство како и да придонесувам кон создавање на образовани и воспитани генерации кои ќе бидат подготвени за предизвиците на 21 век. За да се стекнам со оваа титула потребно беше да ги исполнам условите и критериумите поставени од страна на асоцијацијата, но според мене тоа значи да ја работите работата од срце, да не се штедите, да вложувате во својот професионален развој и несебично да го споделувате своето искуство“, вели Блажевска.

Идејата за формирање на Асоцијацијата на најдобри наставници од поранешните југословенски републики (ANN_EKS YU)  е обединување на наставниците ентузијасти од регионот, со цел мотивирање и инспирирање на најдобрите наставници кои го менуваат образованието на овие простори. Визијата е создавање услови во нашите образовни системи за најдобрите наставници да бидат значајно наградени за својата работа, да бидат почитувани и уважени во општеството и најдобрите ученици и студенти да бидат мотивирани да се занимаваат со наставничката професија.

Основањето на оваа асоцијација е поттикнато од финалистките на „Global Teacher Prize“ и наставници-амбасадори на „Varkey“ фондацијата од подрачјето на бивша Југославија – Весела Богдановиќ од Македонија, финалистка на Global Teacher Prize 2015 и Жељана Радојчиќ Лукиќ од Србија, финалистка на Global Teacher Prize 2018. Оваа асоцијација се шири и расте, а целта е регионално вмрежување на наставниците од поранешните ју простори и подобрување на образованието во целина.