Пазарната инспекција затвори повеќе ланци на маркети во Скопје и во Струга

Казнети и затворени се повеќе ланци на големи маркети во Скопје во населбите Чаир, Тафталиџе, Кисела Вода и Бутел и маркети во Струга, информираше директорот на пазарна инспекција, Горан Трајковски, кој во објавата на социјалните мрежи алудираше дека овие компании не ги почитувале законите и владините одлуки.

Ваквиот потег доаѓа откако неделава Владата одлучи да се намалат цените на основните прехранбени производи, како и да се забранат промоции и попусти.

„Во повеќе наврати напоменав дека секој мора да ги почитува законите и одлуките на Владата. Исто така, нема да дозволам никој да ги манипулира и доведува во заблуда граѓаните – потрошувачите! Денес казнети се и затворени повеќе ланци на големи маркети во Скопје (Чаир, Тафталиџе, Кисела Вода и Бутел) и Струга. Апелирам, до сите трговци, дека нема да има компромис ниту селекција во постапувањето на пазарниот инспекторат, кога е во прашање интересот на граѓаните!“, вели Трајковски.

Дваесет и четири категории прехранбени производи, според одлука на Владата веќе треба да се продаваат во маркетите по цени поевтини за 10% од оние кои биле на 1 август.

Одлуката е предвидено да биде на сила до 30 ноември, а со неа надлежните очекуваат да се намали инфлацијата на храната за 4 до 5% до крајот на годинава. Прехранбените производи кои влегуваат во листата на Владата сега во маркетите се означени со црвена назнака на која пишува „гарантирана цена“.

[Инфографик] За колку поевтинија прехранбените производи со „гарантираните цени“?