Пазарен инспекторат: Продажбата на маски преку „Фејсбук“ тешко се контролира, купувачите на сопствен ризик

„Државниот пазарен инспекторат може да прави контрола на онлајн продажбата зад која стои правно лице со свое седиште, за да можеме да дејствуваме и да го контролираме квалитетот и цената на маските. За жал продажбата преку „Фејсбук“ не можеме да ја контролираме ниту да реагираме, бидејќи таму можат да се јават и физички лица кои нудат одредени производи, во случајов маски. Сите оние кои што купуваат преку „Фејсбук“ купуваат на сопствен ризик“, истакна директорот на пазарниот инспекторат Стојко Наумовски, на денешната прес конференција, одговарајќи на прашањето на Радио МОФ.

Тој изјави дека аптеките во нашата држава се доволно снабдени, додавајќи дека има и државно производство на маски.

„Маските се движат од 5 денари до 95 денари во зависност од материјалот од кои се произведени и какви се маските. Имаме доволно количини, снабдени сме, потребна е само волја за носење,“ одговори Наумовски на прашањето какви се цените и снадбеноста со маски во аптеките.

Тој дополни дека постојат и неколку пријави во врска со зголемување на цените на маските.

„Извршени се 64 контроли на аптеки во врска со зголемување на цени, меѓутоа први вршење на контрола имаме само 2 пати постапено со мерки. Во останатите аптеки кога сме вршеле контроли за цени на маските, таму се соочуваме со различни производи и секој нов производ доаѓа со нова цена и тука не сме моќни да постапиме“, одговори тој за Радио МОФ.

Претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска-Грашкоска, на денешната прес-конференција во Владата ги презентираше наодите од шест инспекциски служби во надлежност на Советот, кои во периодот од 19 март до 21 април извршиле 33.173 надзори, со цел да гарантираат целосно почитување на одлуките, мерките и препораките за заштита од коронавирусот COVID-19.

„Oд страна на ДПИ се затворени вкупно 162 угостителски објекти кои не ги почитувале мерките на Владата, а од визуелната обиколка низ повеќе градови констатирано е дека најголемиот број на угостители сепак дисциплинирано ги почитуваат забраните за работа. Државниот пазарен инспекторат изминатиот месец, интензивно ги контролираше и кафематите во целата земја, при што е извршено запечатување на повеќе од 350 кафемати“, соопшти Филиповска-Грашкоска.