Пазар на труд: Ефина работна сила – предност или слабост?

Огласи за вработување во странски компании. Се даваат плати од осум илјади денари па нагоре, во зависност од ангажманот и стручната подготвеност. Платите што според законот, странските работодавачи треба да ги објават во огласите за вработување, ја отворија дилемата дали ниските плати се предност или слабост за економијата.

Пазар на труд: Ефина работна сила – предност или слабост?

Судејќи според изјавите на владините функционери, евтината работна сила е еден од аргументите со кои власта сака да ги привлече странските инвеститори. Од друга страна, анализите покажуваат дека и натаму јазот меѓу ниските и високите плати сеуште е длабок. Последното истражување „Богатството и сиромашатијата во Македонија“ покажува дека највисоката нето плата е за 245 пати поголема од просечната исплатена плата во земјава.

Кои плати се највисоки, кои растат, а кои се намалуваат?

Владата не сакаше да ги коментира субвнеционираните плати што странските инвеститори во Слободните еконмски зони ги нудат за вработување. Со почетокот на годинава дел од странските компании објавија огласи за вработување во кои се нудеше плата од 8 800 денари, колку што изнесува законски утврдениот минималаец, па нагоре. Така, „Кромберт и Шуберт“ од Битола бараше работник за 8.800 денари додека Џонсон Контролс понуди плата од 9.000 до 15.000 денари но, за високообразувани кадри. Компанијата „Кемет Електроникс“ која работи во скопската индустриска зона нудеше 20 илјади денари. Владини претставници одбија да ја коментираат висината на платата што ја нудат странците, со образложение дека станува збор за приватни компании. Дел од компаниите пак информираа дека сумите во огласите не биле точни. Експертите потсетуваат дека станува збор за плати, за кои придонесите, односно давачките се на товар на државата, односно на граѓаните и на фирмите што се даночни обврзници и го полнат буџетот. Токму евтината работна сила се промовира како еден од клучните адути пред странските инвеститори.

„Македонија премногу се рекламира како земја со евтина работна сила. Она што е важно е дека инвеститорите во Слободните економски зони во одреден временски период не плаќаат придонеси и други давачки за платите на вработените, што значи дека државата на ваков начин не само што не може да очекува приливи, туку има и издашност за да ги покрие овие трошења. Наместо да поддржува вакви модели на бенефеции, владините политики треба да одат во насаока на поддршка на синдикалните здружувања кои пак ќе се борат не за било каква плата, туку за повисока плата“ – оценува професорот Савевски.

Во меѓувреме, статисика бележи благ годишен пораст на просечната нето плата, додека кај реалната – пад. Така, со завршување на 2013-та година, нето месечната плата за една година или во 2013-та во однос на 2012-та се зголемила за 1,2% додека Реалната-нето плата се намалила за 1,6%. Според економистите, она што би ја одразувало реалноста, а не се мери, е токму средната плата.

„Просечната нето плата што ја мери Заводот за статистика е резултат на збирот од сите плати и од нив се пресметува просекот. Математички, тоа е така. Но просечната нето плата не ја одразува состојбата за примањата на вработените. Нашата анализа „Богатството и сирошатијата во Македонија“ покажува дека само 15 проценти од вработените земаат повисоки плати над просечната, додека 72 проценти се под просекот. Според некои истражувања, средната плата, која според мене треба да биде репер, во земјава се движи од 16 000 до 17 000 денари“ – вели професорот Савевски.

Според официјалната статистика, највисоки плати земаат вработените во финансиските дејности. Просечната нето исплатена плата лани изнесувала 37 583 денари, но во исто време во овој сектор растот на платите е бавен, само за половина процент се зголемиле лани во споредба со 2012-та година. Според висината на платите зад банакрите и вработените во осигурителните компании, се вработените во секторот информации и комуникации со просечна нето плата од 35 214 денари а по нив, како најплатени се стручните, научните и техничките дејност, каде просечна нето плата изнесува 27 488 денари. Но анализата на бројките покажува дека во овој сектор платите се намалиле за 2,2%.

Еве колку изнесува месечната нето плата се исплаќа во другите дејности:

-Јавна управа и одбрана 25 054 денари

-Транспорт и складирање 22 399 денари

-Трговија 19 263 денари

-Градежништво 17 302 денари

Вработените во земјоделството и во преработувачката индустрија, кои се и најбројни и натаму се со најниски плати. Така, просечната нето исплатена плата во преработувачката индустрија во 2013-та година изнесувала 15 747 денари додека во земјоделството и шумарството била 15 639 денари.

Она на што упатува експертската јавност е големиот јаз меѓу најниските и највисоките плати. Така, во истражувањето „Богатството и сиромаштијата во Македонија“ пишува:

„Тоа што највисоката нето-плата е 245 пати повисока од просечната нето-плата фактички значи дека оној што зема просечна плата треба да работи 245 месеци или 20 години и 5 месеци за да прими само една месечна плата на најплатениот менаџер во 2011 година. Споредбата со минимална плата е уште пофрапантна. Минималната плата од 8.050 денари, воведена во повеќето сектори во 2012 година, е 631 пат пониска од највисоката плата во 2011 година. Со други зборови, работникот кој зема минимална плата треба да работи 631 месец, односно 52 години и 7 месеци за да заработи само една месечна плата на најплатениот менаџер во 2011 година!“ – констатираат креаторите на истражувањето.

Ниските плати во земјава, претставени како низок оперативен трошок за инвеститорите, ја вброија Македонија во групата на атрактивни инвестициски дестинации. Според магазинот „Форбс“ платите во земјава се за 50% пониски од оние во источно европските земји.

Анализа на Порталб