Павле Богоевски даде оставка од пратеничката функција

Пратеникот Павле Богоевски поднесе оставка од својата функција, по негативните реакции во јавноста откако протече прислушкуван разговор во кој се слуша како пратеникот преку телефон прави некаква нарачка, за која подоцна Богоевски соопшти дека станувало збор за нелегална набавка на масло од канабис.

Богоевски, кој на пратеничката функција дојде како непартиски кандидат и претставник на Шарената револуција, одлуката ја соопшти предмалку на собраниската седница на Комисијата за мандатното имунитетни прашања, на која денеска се одлучува за одземање на мандатот на Никола Груевски.

„Не би сакал мојата функција да влијае врз правосудните органи. И, уште еднаш, ќе ја искористам оваа прилика да ги повикам органите на прогонот целосно да го истражат настанот за мојата одговорност, но и одговорноста за оние кои противправно снимале и објавиле. Одлуката ја соопштувам сега, а не тогаш, од две причини. Ми беше многу значајно да учествувам до крај во реформата на разузнавачките служби, а второ е оваа седница, чекав цела јавност да види колку далеку ќе одите со вашата дрскост и да видат дека станува збор за хајка и за мерки и активности насочени кон заштита на вашиот премиер во бегство, Никола Груевски. Но гласот на јавноста беше повеќе од очигледен. Не може пратеник, кој се борел за правда и еднаквост на правото, без оглед на принципите, да ги крши законите. Затоа ќе поставам пример, кој се надевам сите ќе го следат, каде етиката и моралот ќе бидат над желбата за функцијата“, рече Богоевски од собраниската говорница.