„Павла над амбисот“ и „Škrip Inc“ на претпоследната вечер на МОТ

На претпоследната вечер на МОТ публиката имаше можност да погледне две одлични претстави во МКЦ, иновативната „Павла над амбисот“ и жестоката „Škrip Inc“.

павла

„Павла над амбисот“ се фокусира на животот на познатата словенечка алпинистка, Павла Јесих, и го следи во три различни фази, видливо одделени една од друга преку многу јасно структуриран драмски текст на писателот Андреј Е. Скубич и трите актерки кои го играат ликот на Павла. Иако фазите не секогаш се нужно хронолошки наредени, на публиката и е многу лесно да ја следи приказната поради потенцирањето на главните историски факти и случувања.

Приказната ја следи Павла која трасирајќи нови патишта во алпинизмот и кинематографијата во Словенија, постојано „се качува“ нагоре со желба да го победи светот, да застане на неговиот врв. Во нејзиното искачување кон него, често ја попречуваат мажи, кои, заслепени од љубомора, нејзиниот успех го припишуваат на фактот дека е жена. Сепак неуморната посветеност и големата желба за напредок и овозможуваат на Павла да се искачи на врвови на кои никој друг се нема искачено, без разлика дали станува збор за планински, кинематографски или политички.

павла 2

Феноменалната идеја на режисерот Матјаж Пограјц за буквалното искачување на актерите по северниот ѕид на мултифункционалната сцена ја донесе атмосферата од Триглав во салата Фросина во Скопје. Импресивноста на сценските решенија ја засилија и одличните синхронизирани проекции, кои едноставно, но многу ефективно ја пренесуваа приказната од некоја од планинарските патеки до киното „Матица“ и на уште неколку различни локации. Целата актерска екипа од љубљанскиот Младински театар пак многу умешно „жонглираше“ со важните аспекти на актерската игра (интонација, дикција, гестикулација и фацијални експресии) и алпинистичките способности (најверојатно стекнати за целите на претставата). Иновативниот пристап кон временската анализа на животот на Павла и естетската совршеност која беше надополнета со соодветна звучна подлога, ја прават „Павла над амбисот“ една од најдобрите претстави на овогодинешното издание на МОТ.

skrip inc 1

Втората претстава која ја погледнавме вчера беше жестоката и многу храбра „Škrip Inc“, која е резултат на соработката на Јелена Русјан, Кристина Горовска, Тина Периќ и Неја Томшиќ, членки на бендовите TRUS!, Borghesia, Bernays Propaganda, Ludovik Material и Škrip Orekstra.

skrip inc

Музичкиот перформанс зборува гласно и отворено за проблемите на модерното општество. Раскажува за опсежните маркетингшки манипулации кои се постојано присутни во нашите животи, површноста на социјалните врски, капиталистичкиот пристап кон животот каде што инструментализираниот ум е главен во донесувањето одлуки, а се се мери според можните придобивки. Видеата, направени само за оваа претстава, отворија многу есенцијални прашања, како (не)постоењето на сила поголема и поважна од луѓето, вечната борба меѓу индивидуализмот и колективизмот, придонесите на различни држави за светскиот напредок.

Специфично избраната типографија уште повеќе ја акцентираше опсадата од реклами на големите корпорации под која постојано се наоѓаат потрошувачите. Судејќи според лицата на присутните во салата 25-ти Мај, ироничниот пристап кон модерните проблеми е вистинскиот начин за подигнување на свеста кај луѓето со цел општествен напредок.

Јована Ѓорѓиовска