Павел Чејка: Технологијата го менува новинарството

Новите движења во новинарството одат рака под рака со движењата во технологијата и овие промени го селат новинарството од канцелариите на улиците, вели Павел Чејка од VICE магазин – Чешка. Чејка, кој во Скопје присуствуваше на конференцијата „Е-општество: Млади и медиуми“ во интервју за Радио МОФ говори за отворањето на VICE магазин во Чешка, контроверзните теми на кои работат во овој медиум и за младите и медиумите.

Павел Чејка: Технологијата го менува новинарството

Доаѓате од VICE магазин од Чешката република, со што се занимава вашиот медиум и кои се темите и сториите кои најчесто ги следите?

Јас и моите колеги го основавме VICE во Чешка, всушност VICE UK не праша дали би можеле да го лансираме VICE, бидејќи претходно работевме во еден лајфстајл магазин за музика и мода. Го основавме VICE во 2009 и ние бевме нивна прва канцеларија во една посткомунистичка земја, по нас се отвори канцеларија во Полска во 2010.

Најмногу се фокусираме на контентот, јас сум уредник на содржини, работиме заедно со седиштето на VICE во Њујорк, постојано собираме идеи од она што се случува околу нас и заедно продуцираме стории за на youtube и за VICE каналите.

Исто така работиме на содржини кои се наменети за чешката публика, кои се повеќе локално фокусирани но може да ги разбере и остатокот од светот.

Имаме пет луѓе кои работат на содржините, но имаме многу надворешни соработници. VICE.com е нашата домашна страна за сите 35 земји, а кога се работи за чешката република, имаме 120.000 уникатни посетители месечно и на Фејсбук имаме околу 1.7 милиони следбеници, а во Чешка се околу 30тина илјади.

Дали повеќето од вашите стории се таргетирани кон млади луѓе?

Главната таргет публика е помеѓу 18 и 35 години, би рекол дека од неодамна сме повеќе фокусирани не само на младински теми, туку и на политички, економски и општествени теми. Ние решивме дека ќе покриваме стории за кој никој не пишува и теми кои никој нема храброст да ги покрива. Ние дефинитивно се фокусираме на се што се случува во малите заедници, што може да прерасне како тренд, или што влијае некако на општеството или што е продукт на општеството. Минатата година ние направивме сторија за афион (Poppy), кој е многу популарен во Чешка и се користи за пецива, но исто така може да се добие и морфиум од него кој не е многу тешко да се извади од него и зависниците од хероин во Чешка го користат, наместо хероин.

Ние решивме дека ова е многу интересна сторија и ја направивме, но решивме да не ја пуштиме во Чешка, зашто не сакавме да влијаеме на индустријата со афион. Ова е една контроверзна тема за оваа индустрија и тоа не би им се допаднало на многумина. Имавме неколку телефонски повици кои беа доста „тешки“.

Документарецот е прилично контроверзен, и сами споменавте дека сте решиле да не го пуштите во Чешка. Која беше инспирацијата за неговото снимање и дали ја постигнавте целта со документарецот?

Она што сакавме да го кажеме е дека растењето афион е забрането во западниот свет, но во Чешка имаме специјални договори со Европската унија кои ни дозволуваат заради традицијата да одгледуваме афион. Чешка е најголемиот производител и извозник на афион во светот, кога се работи за афионот кој се користи во прехрамбената индустрија и фармацијата.

Сакавме да му покажеме на светот дека ако дозволи да се одгледува афион, најекстремното нешто што може да се случи е да имате 30, 40 зависници околу полињата кои ќе се обидуваат да земат опиум од него. Сакаме да кажеме дека кршењето на границите и дозволувањето на земјите да растат афион е многу поевтино од војната на дрогата, која ја водат земјите како Америка на пример.

Ова е една глобална порака, многу е поевтино да се расте афион и да се работи на некаква тренинг програма како да се тргнат зависниците од полињата со афион, отколку да се трошат пари на војна против нив. Се разбира ова е контроверзно, но ние соработувавме со различни програми за зависности. Имаме и податоци дека доколку се легализира ваквиот пристап, ќе се намали криминалот во градовите. Кога зависниците одат на полињата со афион, за да дојдат до морфиум тие се мирни. Во градот мораат да крадат и да прават најразлични работи за да дојдат до дрога. Кога се на полињата со афион, самите велат дека се како на одмор, и ги нарекуваат дека се нивната „спа“.

На полињата почнуваат да се социјализираат, да читаат книги, да слушаат музика и да комуницираат меѓу себе, да си позајмуваат работи и ова исто така еден сегмент кој го покажавме во документарецот.

Присуствувавте на Youth and media конференцијата во Скопје и сте новинар подолго време, како мислите дека е сменето новинарството низ годините, со сите социјални мрежи и онлајн алатки кои се на дофат?

Дефинитивно промените се на подобро и тие претставуваат промени од канцелариите на улиците. Новите движења во новинарството одат рака под рака со движењата во технологијата. Во моментот ако имате мобилен телефон и сте на интернет и се наоѓате во некоја интересна ситуација, може да станете дел од таканареченото „граѓанско новинарство“. Од друга страна, се уште мора да имате еден вид филтри или селектори на содржините, кои ќе прават разлика од она што е добра и лоша содржина, за потоа тоа да биде презентирано на публиката.