„Патување“, изложба на триесет и девет современи уметници од Македонија и Јужна Кореја

„Патување“ е насловот на изложбата на која ќе се претстават дела од триесет и девет современи уметници од Македонија и Јужна Кореја, од каде гостуваат уметниците од групата Егзит. Изложбата ќе се отвори во среда (3 август), во Националната галерија на Македонија, во објектот Мала станица.

На изложбата ќе бидат поставени дела во повеќе формати и најразлични медиуми, инсталации, аудио‒инсталации, објекти, реди‒мејд објекти, фотографии, слики и цртежи.

Групата Егзит е формирана во градот Ченгчу во 2010 година и е отворена за соработки. Во неа покрај основачите, секоја година кон изложбите се приклучуваат нови членови, а исто така покануваат и гости од странство. Изложуваат по два пати годишно, еднаш во Кореја, еднаш во странство. Во својот прв каталог ја цитираат мислата на Фрида Кало „Се надевам дека Излезот носи задоволство, и се надевам дека никогаш нема да се вратам”, што го појаснува значењето и поводот за избор на нивното име. Организатор и куратор на изложбата „Патување“ е македонската уметница Маја Кировска.

„Преку делата на оваа изложба, авторите ги прикажаа своите погледи на темата ’Патување’ разгледувана во најширока смисла на зборот, патување како движење од точка А во точка Б, земени како позиции во просторот и времето или преминување од една во друга состојба. Тие ги разгледаа условите со кои се соочува субјектот или објектот кој патува, влијанијата и промените кои ги претрпува, како и крајните позиции или резултати од ваквото патување.

Изборот на темата беше поттикнат од актуелните случувања и состојби во светот, од општите човекови состојби и принципи, непроменети стотици и илјадници години, како и од универзалните принципи на природата кои никогаш не се менуваат“, вели Кировска, куратор на изложбата.

Изложбата се отвора во 20:30 часот, а ќе трае до 20 август.