Патувачкото кино на „МакеДокс“ во Костурино и Јосифово

Патувачкото кино на „МакеДокс“ на 19 и 20 јули беше на гости во едно село од струмичкиот и во едно село од валандовскиот регион, Костурино и Јосифово. Двете села имаат сличен сензибилитет со традиционален менталитет и навики, а имаат толку многу различни приказни.

Сега во селото Костурино има околу 300 куќи, но и тоа е зафатено од ’белата чума“, па многу млади се отселуваат. Според последниот попис би требало да има околу 1.200 луѓе, а на проекцијата на документарните филмови „Живот во движење“, „Ритам и звук“ и биографскиот филм за браќата Манаки, еден од присутните шеговите рече „село има, човеци нема“. Тие што останале, главно се занимаваат со правење вар во варници, а потоа истиот го извезуваат и надвор од Македонија, а од земјоделието најмногу произведуваат тутун.

Селото Јосифово во валандовскиот регион е населено место од понов период. Милан Кнежевиќ од населбата Горно маало ни објасни дека селото настанало по Првата светска војна, во периодот 1918 до 1923 година со колонизација на Срби, Хрвати и Црногорци. Во денешниот состав на селото најмногубројни се Македонците, додека на 2 километри одалеченост, а во состав на Јосифово е населбата Калково, во која живеат етнички Турци.

Специфична приказна за Јосифово е што во својата кратка историја местото трипати го менувало името. Прво се викало Караѓорѓевац , па Крумово , а по Втората светска војна, на предлог на професорот по музика Драгослав Ортаков, го носи името на народниот херој Јосиф Јосифовски Свештарот. Селото има околу 1.800 жители кои се занимаваат со земјоделство, а познати се по производство на пиперките бабури.

Имајќи предвид дека селото е со мешан етнички карактер Патувачкото кино на „МакеДокс“ ги прикажа филмовите „Мостар Јунајтед“ и „Вонземјанинот Ли“, додека селаните изразија желба во нивното село да гостуваат и играорците што го изведуваат орото „Копачка“ и актерот Мите Грозданов со монодрамата за словенската азбука на браќата Кирил и Методиј.

Задржувајќи се на својата филмска програма, следни станици на Патувачкото кино се Валандово (22 јули), Богданци (23 јули) и Фурка (25 јули).