Патувачкото кино на „МакеДокс“ помина низ Мешеишта и Слатино

Патувачкото кино на „МакеДокс“ помина низ половина од селата во кои се предвидени проекции на документарни филмови. По Волино, Белчишта и Издеглавје, на 14 и 15 август платното се растегна во Мешеишта и на игралиштето кај стариот, и веќе разрушен, Задружен дом во селото Слатино.

Дебарца (Дебрца) е една од поголемите општини, според нејзината територија, но и една од најретко населените области во Македонија. Статистиката од последниот попис кажува дека бројот на жителите е 5.507 со густина на населеност од околу 13 жители на квадратен километар во 30 населени места. Мешеишта, пак, е едно од поголемите села во општината.

Постарите жители се сеќаваат дека некогаш Дебарца била понаселена општина од Охрид, а во Мешеишта живееле 8 илјади жители. Тогаш дури имале и корзо на главната селска улица. „Селото вриеше од народ, немаше игла кај да фрлиш“, велат мештаните, кои во денешно време се околу 1.200 и главно се занимаваат со градинарски производи што, велат, тешко успеваат да ги пласираат. Многу го сакаат фудбалот, додека кино никогаш немале во селото.

„МакеДокс“, барем за една вечер, овозможи да се сретнат со филмската уметност со проекцијата на документарните филмови „Љубител на Застава 101“ и „We come as friends“.

Длабоко во природните убавини на Дебарца е сместено селото Слатино. До него се стигнува само по еден пат што води преку селото Издеглавје и завршува во Слатино. Крајот на патот е обиколен со врвовите на Илинска планина. Платното на Патувачкото кино го поставивме пред разрушената зграда на некогашниот Задружен дом, што се наоѓа на стотина метри од импозантниот споменик посветен на револуционерите од илинденскиот и партизанскиот период, а има и спомен-обележје на жртва од масакрот кај Вејце, од поновата македонска историја.

На проекцијата на документарците „Бабички на револуцијата“ и „The Look of Silence“ присуствуваа речиси сите педесетина постојани жители.

„Селото како да се наоѓа на крајот на светот“, констатира Најденко Мирчески, познат како Пупе, сопственик на единствената продавничка во селото.

„Правите благородна мисија што ни донесовте кино во Слатино“, забележаа мештаните по завршувањето на проекцијата, а нивната радост ја продолживме со „(С)Латино забава“.

Патувачкото кино се реализира со поддршка на Агенцијата за филм на РМ, а ќе се посетат и селата Ботун, Злести, Оровник, Лешани и Велмеј.