Патувачкото кино на „МакеДокс“ годинава ќе ја посети скопската околија

И покрај сите ограничувања, магаренцето на фестивалот „МакеДокс“ и годинава ќе патува и ќе посети неколку скопски села за да им понуди кино и на граѓаните кои се надвор од централното градско подрачје.

„Сепак и во неговиот инает има зрнце разум и строго почитување на Протоколот за организација на настани. Заради сите пречки и затоа што сенцето е набавено од Град Скопје, магаренцето годинава ќе се шета само по скопската околија“, информираат од „Македокс“.

Годинава патувачкото кино на „МакеДокс“ ќе одржи проекции во:

08.10. Драчево (во паркот)
09.10. Радишани (ОУ „Ацо Шопов“)
10.10. Волково (СРЦ „Бранители“)
11.10. Горна Матка
12.10. Булачани (ОУ „Наум Охридски“)

Проекциите ќе започнуваат во 19 ч.

„Магаренцето ќе биде натоварено со содржини за деца и за возрасни, а во новите дисаги се кријат и неколку работилници и еко-акции. Се гледаме на проекции под звезди и ги каниме сите пријатели од Скопје и скопско, кои сакале да нè посетат минатите години, а локациите им биле далечни, да ни се придружат и да ја осетат сосема поинаквата магија на патувачкото кино на МакеДокс“, велат организаторите.

Годинава фестивалот се одржа во хибридно издание. Филмската програма започна на 19 август, а заврши на 26 август. Проекциите се одржувааа во Парк МКЦ и во Кинотеката, а истовремено филмовите се гледаа и онлајн.