Патувачкиот проект „MOVE WITH (OUT)“ доаѓа во Скопје

„МОVE WITH (OUT)“ , патувачки проект што ги истражува идеите за тоа што е дом ќе гостува во Скопје на 10 и 11 септември. Како активности во текот на гостувањето се предвидени два јавни перформанси и дебатата „ ЈАС СУМ…СКОПЈЕ“.

Првиот јавен перформанс е најавен во четврток, на 10 септември, на Бит пазар и во Старата чаршија, по што во 22:00 ќе следи главнио перформанс, на плато пред Чифте амам.

Во соработка со уметницата Марија Милошевска, која работи со филигран, „MOVE WITH (OUT) – Јас сум…СКОПЈЕ“ е перформанс во два дела, кој се протега од постарата граница и крстосница на градот, северната страна на Камениот мост, пред да почне да се движи јужно, за да ја премине Старата чаршија и да стигне до галеријата Чифте амам. Овој перформанс ги истражува врските помеѓу поединечните и колективните спомени за градот преку практиката на уметникот, за да се истражат комплексните врски помеѓу личните приказни и историјата.

Во петок пак, во периодот од 18:00 до 20:00 часот е најавена дебата „’MOVE W I T H (OUT) – ЈАС СУМ…СКОПЈЕ“, со уметницата и кураторите во КУЛА.

По Берлин, Лондон, Рим, Венеција, Белград, Сингапур и Будимпешта, номадскиот проект на „Something Human“ дојде во Скопје благодарение на соработката со уметницата Марија Милошевска, здружението за уметност „Доминиум“, и поддршката на Градот Скопје и на европската културна фондација „STEP Beyond“, појаснуваат организаторите на настанот.

„МОVE WITH (OUT)“ е патувачки проект што ги истражува идеите за тоа што е дом. Земајќи го предвид сè понестабилниот глобален економски пејзаж, изложбата и уметничката интервенција во живо, која е приспособена на локацијата, ги истражуваат амбивалентните односи помеѓу внатрешноста и надворешноста кога станува збор за прашањата на идентитетот, границата и миграциите, припаѓањето и копнежот и на тензиите од навигацијата меѓу различните сфери.