Патувачкиот фестивал „Културен амалгам“, кој започна во Скопје и продолжи во Крива Паланка, на 7 август продолжува и на својата следна станица, Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
„Публиката ќе има можност да ја проследи ревијалната изложба ‘ФотоСинтеза’, која прикажува редок избор на алтернативна фотографија, со техники како цијанотипија, гумоил и вандајк, а ќе бидат изложени дела на над 40 автори, кои го оживуваат минатото со современа чувствителност“, соопштува Културно информативниот центар (КИЦ).
По изложбата, ќе следува и проекцијата на документарниот филм „Манaки – Приказна во слики“, посветен на животот и делото на првите балкански кинематографери, со внимателно истражен и документарен пристап кон нивното наследство.
Овој мултимедијален и интердисциплинарен фестивал е иницијатива на Културно информативен центар – Скопје, со цел децентрализација на културата во Македонија и поттикнување на соработка меѓу сродните културни институции низ земјата.
Настанот е бесплатен и отворен за сите љубители на уметноста и фотографијата. Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Македонија.