Патувачкиот фестивал „Културен амалгам“ започнува на 15 јули во КИЦ

Патувачкиот интердисциплинарен и мултимедијален фестивал „Културен амалгам 2025“ ќе започне на 15 јули во Културно информативниот центар (КИЦ) во Скопје. На програмата се ревијалната изложба на алтернативни фотографски техники „ФотоСинтеза“ која ќе се отвори од 20 часот во Империјал 2 во КИЦ, како и премиера на документарен филм за Јанаки и Милтон Манаки „Манаки – Приказна во слики“ од 21 часот во Салонот 19:19.

Како што велат од КИЦ, во својата основа ‘Културен амалгам’ има за задача да отвори врати кон коренита децентрализација на културата во Македонија, а преку поставување темели на соработка во различни средини и низ различни градови.

„Соработката преку овој меѓуинституционален и мултимедијален проект треба да постави темел за нешто што во иднина може да се аплицира низ различни градови во Македонија, а по примерот на Кратово, Крушево, Битола, Скопје, да се вклучат и други градови и места“, посочуваат од КИЦ.

Годинава, покрај Скопје, фестивалот ќе се одржи и во Центарот за култура во Крива Паланка на 26 јули и Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово на 15 август. Во септември во Скопје во КИЦ ќе има и завршен настан.

„Фотоклубот Ирис е основан во 1958 година во рамките на Студентскиот културен дом во Темишвар, Романија. Оттогаш, тој претставува простор посветен на љубителите на фотографијата, каде што креативноста и традиционалните техники се среќаваат со ентузијазмот на новите генерации. Секоја година, членовите на клубот организираат практични работилници за аналогна фотографија и експериментираат со историски фотографски техники како што се цијанотипија, вандајк, гумоил или гум-бихромат“, се вели во соопштението за „ФотоСинтеза“.

Ревијалната изложба е соработка со Фотоклубот Ирис и Меѓународниот фестивал на алтернативна фотографија „Зрно“.

Документарниот филм „Манаки – Приказна во слики“ ја прикажува фотографската работа на Јанаки и Милтон Манаки, првите балкански кинематографери. Како што велат организаторите, со текот на годините браќата Манаки се митологизирани, а додавањето на нови и непотврдени информации со цел да се зголеми нивната важност е непотребно и штетно, бидејќи нивното творештво и онака е од големо културно значење не само во Македонија, туку и во поширокиот балкански контекст.

„Поради оваа причина, секој факт и мислење презентиран во филмот се внимателно истражени и потврдени со презентирани артефакти. Приказната се раскажува преку оригинални документарни фотографии следејќи ја нивната работата од отворањето на првото професионално студио во 1898 година во Јанина и подоцнежното селење во Битола, сега познат како град на браќата Манаки“, појаснуваат оттаму.

Режија на филмот е Роберт Јанкулоски, сценариото е на Илинденка Петрушева и Роберт Јанкулоски.

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и туризам.