Патувачката изложба „Арт фем“ на Дороти Пачкова пристигнува во Скопје

Проектот „АРТ ФЕМ“ на уметницата Дороти Пачкова е патувачка изложба која се изложи низ неколку градови во нашата држава, односно Штип, Тетово, Крива Паланка, Куманово, а последна изложба ќе се одржи во Скопје во петок со почеток во 19 часот. Изложбата на Пачкова ќе биде поставена во „Олд Скул Бар“.

„АРТ ФЕМ“ е проект кој е производ на согледување на непостоењето на активистички феминистички мрежен центар, кој ги унапредува правата на уметничките, им дава можност за изразување и вмрежување и позитивно ги дискриминира приклучувајќи ги во јавниот културноуметнички живот.

Со ова се започнува претставување на мрежното функционирање на Центарот за слобода и култура, на жени и девојки уметнички од регионот, со поддршка на повеќе музеи и галерии од целата земја, со поддршка на Министерство за култура на Р.С.М. преку Нов културен бран 2019, и секторот за спорт и млади при град Скопје.

Постерот за изложбата „Арт Фем“ во Скопје

„ „Арт Фем“, го градиме оддолу нагоре, па затоа, ова е место за сите уметнички, сите активистки и сите културни работнички. Во зачетнава фаза се воспоставуваат темели за изградба на силно женско уметничко движење, па затоа ве мотивираме, праќајте ЦВа, портфолиа и мотивациони писма на нашиот меил“ – вели уметницата Пачкова, канејќи ги на партиципативно учество сите уметнички и културни работнички.

Пачкова создава феминистичка мултимедијална уметност во интердисциплинарни области, најчесто поврзани со родови проблематики, анулирање на класни разлики, феминизација на сиромаштија, пристапност до јавна сфера за девојки и жени, жени во политики, неплатен домашен труд, стеротипизација, позитивна дискриминација, демаргинализација, родово базирано насилство и слично. Таа врши истражувања во областа на родовите науки и култури во земјата, на Балканот, низ Европа, односно во Берлин, Цирих и Милано.

До сега има реализирано над 30 самостојни изложби и учествувала на уште толку групни.