Патувачка едукативна изложба „Ана Франк – Историја за денес“ во „Корчагин“

Во свечената сала на СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“ за понеделник  од 11 часот е закажано церемонијално отворање на патувачката изложба „Ана Франк – Историја за денес“ .

Изложбата претставува збир од триесет и девет изложбени панели кои носат бројни детали од животот на малата Ана и нејзиното семејство од Втората светска војна.

Отворена е во Македонија во рамки на проектот „Хисторија, Историја, Повјест – Лекции за сегашноста“, а организатори се Младински образовен форум и Куќата на Ана Франк од Амстердам. Во изложбата има и панели кои се креирани посебно за македонскиот контекст во периодот по Втората светска војна до денес, а изработени од домашните експерти Мишо Докмановиќ и Бесник Емини.

Она што ја прави оваа изложба поинаква, велат организаторите, е што водичи за посетителите ќе бидат млади волонтери, средношколци кои поминале обука за да ја раскажат приказната на Ана Франк.

„Сите ученици од ова училиште во текот на наредната недела ќе имаат можност да ја погледнат изложбата, а нивни соученици ќе ги водат низ неа. Досега, изложбата беше поставена во Битола, Струмица, Неготино, Кавадарци, Прилеп и Скопје“, соопштуваат од Младински образовен форум.

Изложбата во Македонија е изработена и донесена во рамки на проектот „Хисторија, Историја, Повјест – Лекции за денес“ поддржан од Европската Комисија. Во рамки на проектот воден од Ана Франк Хаус а во соработка со организациите МОФ, ХЕРМЕС, Младинска иницијатива за човекови права и Отворена комуникација, изложбата ќе биде достапна за младите од Македонија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Србија. Во Македонија изложбата доби поддршка од Министерството за надворешни работи, Министерството за култура,Министерството за образование. Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија и Амбасадата на Кралството Холандија.

Проектот има за цел да го покрене вниманието и поттикне дискусија за настаните од блиското минато на Западен Балкан кои се причина за различни поделби и генерирање на конфликти во минатиот век. Преку промовирање на критичко размислување за настани од историјата и нивното значење во современото време и случувања, целта на Anna Frank House и партнерите е да се постигне помирување преку дијалог за заедничкото минато.