Патувачката авантура „Летечкиот циркус“ и филмот со нула буџет „ТМ“ прикажани на „Синедејс“

Скопскиот парк „Ибни пајко“ синоќа беше местото каде помина „балкански филмски воз“ – два филма од Косово и Македонија, како дел од третиот ден на Меѓународниот фестивал на европски филм „Синедејс“. 

„Синедејс“ годинава поради корона-околностите реши да се пресели надвор, под отворено небо под маски, за да не ризикува традиционалниот фестивалски термин да биде условен со онлајн проекции. Оттука, слоганот „Филм на секое платно“ значи културно оживување на локации како Градскиот парк, МКЦ Парк, кината во Влае, Кисела Вода, Напредок и Маџари, а „Ибни Пајко“ вчера беше местото каде во 20 часот беше прикажан „Летечкиот циркус“ во режија на Фатос Бериша.

Филмот раскажува приказна за четворица косовски актери што нелегално ги преминуваат границите на Балканот во време на војна. Одат на театарски фестивал во Албанија. Но, вистинската мисија им е да го најдат својот идол, Мајкл Палин од „Монти Пајтон“, за кој на ТВ дознаваат дека снима филм толку во Албанија.

Тоа е двигател на оваа духовита патувачка приказна, каде се вклучени шверцери на бензин, националисти со пиштоли, локални банди, полицајци со неразумни пристапи…

Сепак, Бериша стереотипите, апсурдноста и траорот од Балканот се обидува да ги доведе до ниво на друштвена комедија, водена од ентузијазмот и желбата на ликовите за „култура пред се’ и над се’“. Тоа е симпатичен концепт, кој во делови се покажува како проблематичен и небалансиран, но филмот има забавна и обединувачка нишка што е примамлива за публиката, особено со оние запознаени со историјата на овие простори.

Театарот и културата секогаш обединуваат, а тоа го знае и самиот Бериша, еден од основачите на театарската група „Урбан театар – Приштина“, потоа назначен и за уметнички директор на Народниот театар на Косово. Искуството му дава можност да „жонглира“ со театарската тематика и носи динамична група на ликови, всадени во простор со разни влијанија од локалниот политички спектар.

Директор на фотографија е Алмир Џиколи, монтажата е на Владимир Павловски, сценограф – Арбен Шала, автор на музиката е Огнен Анастасовски, снимател на звук – Игор Поповски, а костимите се на Десантила Лика. Улогите ги толкуваат: Армен Смајли, Тристан Халилај, Африм Мучај, Шпетим Селмани. Постпродукцијата на филмот се работеше во Македонија.

Агенција за филм малцински учестува во продукцијата на филмот, исто како и во „Моето езеро“, „Сирена во Париз“, „Малмкрог“ и „18 проценти сино“, филмови кои годинава прикажуваат на „Синедејс“.

Вториот филм на агендата во „Ибни Пајко“ синоќа беше „ТМ“. Тој влезе во фестивалската категорија МК инди премиери. Ова е второ авторско дело на Ивица Димитријевиќ и Мартин Иванов (по „Копање“ од 2018), карактеристичен по тоа што е изработен со 0 денари буџет.

За ваквиот филмски концепт за работа „на мускули“, без поддршка од институции, Димитријевиќ веќе рече дека „можеби по некое време ќе испишат книга во која подробно ќе раскажат за се’ она низ што  поминале во овие процеси“.

Истовремено, во филмот безрезервна актерска поддршка дадоа Наталија Теодосиевска, Димитрија Доксевски, Александар Ѓорѓиевски, Гораст Цветковски, Драгана Костадиновска, Срѓан Јаничиевиќ, Џано Куч, Сашо Алексиевски, Кристијан Винклер, Александар Степанулески, Сашо Алексиевски, Марко Крстевски, Владица Младеновски Грга.

За Димитриевиќ е јасно – „без права екипа не можеш ни саглам кафе да се напиеш, а камоли да направиш филм“.

Оттука, мора да се каже. Ваквите културни подвизи се за почит! Даваат стимул и на останатите уметници и креатори, особено во време на корона кога културата е на „респиратори“.

Ивица Димитријевиќ, фото: Соња Ставрова

Од друга страна, самиот „ТМ“ е интровертен филм, како и самиот главен лик. Зборува за „осаменоста, вербата во невозможносто, но и е критика за општеството и политиката како главен кривец за исчезнување на поединецот, за изчезнување на една личност, кој е цел еден свет“. Така вели најавата.

Филмот е долг нешто под 60 минути. На почеток навидум урбана и љубовна приказна, но потоа влегува во светот на осаменоста, со што целата динамика се менува. Бавното дејство во вториот дел не е проблем за филмот, туку неодлучувачкиот пристап на авторите да не’ заинтересираат со мотивите и поривите на главниот лик. Да не’ поврзат со неговата оттуѓеност со лицемерното општество. Со неговата желба да биде едноставен, иновативен, повлечен, а заедницата и другарите да најдат начин да ги видат, препознаат и вреднуваат тие особини, тој негов свет, кој полека исчезнува. Тоа не(доволно) го чувствуваме.

„ТМ“ ќе бара дополнително гледање, за дополнително откривање детали од секојдневието. Ги има повеќе. Манифестирани се од почетокот, па до крајот на филмот, низ документи, протестни собири, маалски дружби, работни и љубовни односи… Се’ она што заедницата лесно го нуди за поединецот, а потоа лесно го обезвреднува неговото постоење.

Димитријевиќ и Иванов се јавуваат како режисери, продуценти и сценаристи во ова безбуџетно дело. Иванов е дополнително монтажер, а Димитриевиќ главен актер. Кинематографер е Атанас Велковски.

„Синедејс“ продолжува и низ следните денови, на различни платна низ Скопје. Целата програма може да се види ТУКА.

Бојан Шашевски