Патниците ќе треба да пристигнат барем 3 часа пред летот, на 1 јули се отвораат аеродромите со нови правила

Патниците ќе треба да пристигнат на аеродромот најмалку 3 часа пред нивниот лет, да носат заштитна маска постојано, да одржуваат физичко растојание и висок степен на лична хигиена. Ова се дел од новите правила кои ќе важат од 1 јули, за кога е најавено повторното отворање на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот „Свети Апостол Павле“ Охрид.

„Она што е најважно за патниците е следното – да пристигнат на аеродромите најмалку 3 часа пред нивниот лет, да стават заштитна маска пред да влезат во терминалната зграда на аеродромот, да ги дезинфицираат обувките и рацете на самиот влез во зградата и постојано да одржуваат физичко растојание“, вели Алпер Ерсој, Генерален директор на ТАВ Македонија.

Како што објаснуваат од ТАВ Македонија во однос на Меѓународниот Аеродром Скопје, при Заминувања (Departures), единствен отворен влез за патниците во терминалната зграда ќе биде влезот “Departures C”, при што пред влегување секој патник ќе треба да стави заштитна маска, да ја покаже авионската карта (печатена или на телефон) на агентите за безбедност и потоа да помине преку патосница за дезинфекција на чевлите и да ги дезинфицира рацете на безконтактните диспанзери за дезинфекција на раце, поставени на самиот влез од зградата.

По дезинфекцијата, на сите патници на влезовите во терминалните згради на двата аеродроми, ќе им биде проверена телесната температура, преку термалните камери. Потоа, доколку немаат покачена телесна температура, патниците ќе можат да продолжат кон шалтерите за регистрација или саморегистрација. Во аеродромската зграда ќе можат да влезат само лицата кои патуваат, а не и нивните семејства и пријатели кои ги испраќаат или ги чекаат.

Како што велат од ТАВ Македонија, информативни знаци во вид на банери, налепници и билборди се поставени насекаде низ аеродромите, со цел да ги потсетуваат патниците да држат физичко растојание, да одржуваат висок степен на лична хигиена и да избегнуваат допирање на површините.

„Не е дозволено седење еден до друг на седиштата во чекалните на аеродромот, на Заминувања (Departures), Пристигнувања (Arrivals) и кај Излезите (Gates), туку патниците ќе треба да седат на соодветното физичко растојание, а за таа цел седиштата се посебно обележани“, објаснуваат од ТАВ Македонија од каде додаваат дека го интензивираат чистењето и дезинфекцијата.

Со цел да се избегне создавање непотребен метеж на шалтерите за регистрација, од ТАВ Македонија ги охрабруваат патниците што повеќе да ја користат опцијата за онлајн регистрација на патници и багаж за летовите од скопскиот аеродром, најмалку 24 часа пред времето на полетување.

При Излез од аеродромската зграда, пред влез во коридорот, патничкиот мост и потоа во авионот, патниците пак ќе треба да ги дезинфицираат рацете, за се поставени диспанзери за дезинфекција на раце.

„Со оглед на тоа што информациите за летовите се менуваат многу брзо, а ние како аеродромски оператор ги ажурираме како што ги добиваме од страна на авиокомпаниите, апелираме до сите патници да ги следат нашите веб-страници http://skp.airports.com.mk/ и http://ohd.airports.com.mk/ каде што промените во распоредот на летање се ажурираат во реално време“, појаснуваат од ТАВ Македонија.

Меѓународниот Аеродром Скопје беше затворен за патнички летови од 19-ти март 2020, додека Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид од 16-ти март 2020, со Одлуки на Владата, со цел спречување на влез и ширење на коронавирусот. Во изминатите 3,5 месеци, на аеродромот во главниот град имаше само хуманитарни, владини, санитарни, медицински и воени летови.