Пасивни граѓани, недоверба во институциите – тежок пат до правдата

Половина од граѓаните во Македонија имале барем еден правен проблем последните три години, а три од пет испитаници останале незадоволни со исходот.  Над 6о отсто од испитаниците не веруваат дека некој ќе им помогне, па огромен број граѓани се пасивни и да не ја бараат правдата на суд. Пасивноста е најзабелжлива кога станува збор за проблемите во образованието и дискриминацијата, како и кога треба да се поведе спор против државните институции или работодавачите,  покажува обемното истражувањето на Реактор и Фондацијата отворено општество, насловено„Правните потреби и патот до правдата во Република Македонија“.

Пасивни граѓани, недоверба во институциите - тежок пат до правдата

Ваквите податоци се обесхрабрувачки, забележува Јана Коруновска Србијанко (Реактор), една од авторките на истражувањето .

„Граѓаните се обесправени во однос на оние кои треба да ги штитат. Кога станува збор за спор со работодавачот или државата имаме најмал број на завршени постапки, најмал процент на фер исходи и најголем процент на пасивна стратегија. Значи се спорам со државата и не и верувам – ова е еден ѓаволски круг кој граѓаните не веруваат дека ќе се заврши, а постапките траат со години “, вели Коруновска која посочува дека поради ваквите примери граѓаните стануваат пасивни.

Според Нада Наумовска, од Мрежата за заштита за дискриминација, државата не ги поттикнува граѓаните да побараат за помош. Вели дека требаат позитивни искуства, но кога станува збор за дискриминацијата, нив речиси и да ги нема.  За активистот Артан Садику, пак имаме добри закони, но не и капацитети за имплементирање.

„Ние како држава и како народ немаме доволно морално-етички капацитет за она што е правно и експертски направено и добро срочено да го изведеме и да имаме независно судство. Таквиот заклучок е фрустрирачки“, вели тој.

Со него се согласува и Јасмина Голубовска, од Хелсиншкиот комитет која посочува дека имаме т.н. фасадна демократија, односно правни механизми главно на хартија.

„ Неможете вие, ако граѓанинот е неука странка и не знае како да го оствари правото, не може да кажете дека тука завршува проблемот. Кому му одговара таквиот однос-апсолутно на оној кој во моментот е во извршна власт, независно за која власт станува збор. До оној момент додека граѓаните молчат, а вие не им давате насока како да ги остварат своите права, или да се заземете за нив, не може да зборуваме за воспоставен систем“, забележува таа и додава дека бирократизацијат и недостапноста на правата ги тера луѓето да се откажуваат од барање на правдата.

Студијата покажува дека 10 од 14 млади сметаат дека никој не може да им помогне во врска со проблемите со образованието, само еден од пет граѓани со правен проблем ќе побара правен совет за разрешување на одреден спор, најголем број на граѓани имаат негативен став кон правосудниот систем. Проблем почесто пријавуваат помладите, пообразовани, економски активни, оние од урбани средини и мажите.