Конзервираните преработки од месо и синтетичките паштети да се заменат со зголемен внес на свежо овошје и зеленчук препорачува работната група за ревидирање на Правилникот за нормативи и стандарди за исхрана во градинките.
Нејзини членови денеска се состанаа со министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, со која се диксутираа за предложените измени на менито на детските градинки.
Меѓу другото, тие предлагаат конзервираната храна да биде заменета со смрзната, наместо маргарин во исхраната да биде вметната употребата на путерот и на ладно цедено масло, а воедно да бидат отстранети и додадените вештачки засладувачи, кечапот и мајонезот.
Членовите на работната група, констираат дека е важно оброците да имаат енергетска и нутритивна вредност соодветна на возраста и потребите на децата. Повикувајќи се на направените анализи на храната и нејзините нутритивни вредности тие сметаат дека промените во исхраната во детските градинки се неопходни.
Министерката Шахпаска посочи дека исхраната на децата игра клучна улога во нивното здравје.
„Разноликоста на храната и внесот на здрави оброци кај децата во предучилишно образование е клучна за нивниот правилен детски развој, затоа што преку неа тие ја добиваат енергијата која им е потребна за учење и игра, карактеристична за нивната возраст. Оттука произлегува и иницијативата на Министертвото за целосно ревидирање на Правилникот за исхрана на децата во градинките“, рече министерката Шахпаска.
За поголема грижа и превенција на здравјето на децата додека престојуваат во градинките но и дома, Работната група за ревидирање на Правилникот за нормативи и стандарди за исхрана во градинките предвидува и едукација на децата, родителите и вработените во градинките.
Работната група ќе продолжи со својата работа до завршување на промените кои ќе бидат направени и подготовка на нов Правилник за исхрана во градинките.