Партиските подмладоци се обврзаа за фер избори

Организирање достоинствена кампања, фер и демократски избори без заплашувања, уцени, навреди и клевети на политичките неистомисленици, како и без притисоци за гласањето врз граѓаните, се само дел од заложбите на кои денеска се обврзаа подмладоците на политичките партии во Македонија, пренесе А1 он.

Партиските подмладоци се обврзаа за фер избори

Тие потпишаа и Декларација за слободни и фер избори, активност што ја организира Институтот за економски стратегии и меѓународни односи – Охрид.

Декларацијата, порачаа претседателите на младинските организации по потпишувањето, не смее да биде само парче хартија што брзо ќе се заборави, туку принцип, начин на однесување кој ќе демонстрира висока политичка култура.

– Изборите се еден од најзначајните демократски тестови за државата, а младите политичари се клучни за добивање висока оценка на овој процес. Носат огромен интелектуален капацитет, имаат сила и одговорност, подготвени се да докажат дека не се само безгласна буква, туку движечка сила која може да влијае во сите општествени сфери, истакна Билјана Јанева, извршен директор на Институтот, образложувајќи ги обврските содржани во Декларацијата.

Подмладоците на партиите беа едногласни дека изборите се основен предуслов за една земја да се нарече демократска. Потребна е, додадоа, здрава конкуренција меѓу политичките партии без приземна и ниска реторика.

– Со потпишувањето на Декларацијата ја потврдуваме нашата заложба за унапредување на демократијата. Со вакви принципиелни постапки ќе направиме многу за Македонија и воедно ќе покажеме дека не сме само алатки на нашите партии за ширење на пропаганден материјал, туку нивни водечки столбови, рече Владимир Нелоски од УМС на ВМРО-ДПМНЕ.

И Беким Мемети од Форумот на млади на ДУИ потврди дека останува заложбата изборите да бидат фер и демократски. – Максимално ќе се залагаме секој граѓанин слободно да гласа без какви било заплашувања и притисоци. Подготвени сме да покажеме висок степен на култура, да бидеме пример за демократија тука и надвор од земјата, напомена Мемети.

Ставот на подмладокот на СДММ, како што рече Стефан Богоев, е, освен организирање фер и демократски избори, создавање атмосфера што ќе оневозможи да се повторат ситуациите од претходниот изборен циклус кога се носеа гласачи од Пустец и се демолираа штабови, активности во кои беа вклучени токму млади луѓе.

Мухамет Рустеми од подмладокот на ДПА подвлече дека младите носат голема одговорност за одржување фер избори зашто се вклучени во сите партиски структури. Декларацијата, меѓу другото, обврзува и на минимизирање на говорите на омраза, недискриминација, почитување на уставното право за слободен избор на секој граѓанин,…

Декларацијата ја потпишаа младинските организации од 17 партии, ВМРО-ДПМНЕ, ВМРО–НП, ГРОМ, Обединети за Македонија, Демократска лига на Бошњаците во Македонија, Демократска обнова на Македонија, Демократска партија на Албанците, Демократска партија на Турците во Македонија, Демократска партија на Србите во Македонија, Демократски сојуз, Демократска унија за интеграција, Либерално-демократска партија на Македонија, НСДП, СДСМ, Социјалистичка партија на Македонија, Алијанса за позитивна Македонија и ОПЕ.

Во насока на успешно реализирање на Декларацијата беше предложено раководствата на подмладоците на партиите секој понеделник да се собираат на заедничко утринско кафе.

Извор: А1 он