Денеска на полноќ започнува изборниот молк и од утре почнува гласањето за предвремените парламентарни избори 2020 година.
По 20-те дена кампања, во која партиите ја претставуваа својата предизборна понуда на граѓаните, вечерва официјално завршува изборната кампања.
За прв пат, поради актуелната состојба со корона вирусот, гласањето на изборите во Северна Македонија ќе се одвива три дена.
Утре гласаат оние кои се во домашен карантин поради Ковид-19 и лицата на кои им е определена мерка самоизолација. Тие ќе гласаат во своите домови, а гласањето ќе го спроведе посебен избирачки одбор формиран од ДИК.
Во вторник гласаат немоќните и болни лица, хронично болните, времено раселените лица, лицата згрижени во посебни установи за вонсемејна грижа, како и затворениците.
Во среда, 15-ти јули, се одржува гласањето за сите останати граѓани. Гласањето ќе започне од 7 часот и ќе трае до 21 часот.
Граѓаните ќе избираат меѓу кандидатите на 15 коалиции и партии. Право на глас имаат 1.814.263 граѓани запишани во Избирачкиот список.
Поради пандемијата со коронавирусот, гласањето ќе се одвива според безбедносни протоколи за заштита на здравјето на граѓаните подготвени од Комисијата за заразни болести. Гласачите на избирачките места ќе мора да носат маски и да оддржуваат најмалку 2 метри растојание.