Партијархија на каналот: Единствената гондолиерка во Венеција

Речиси цел милениум, во Венеција гондолиерите смееле да бидат само мажи. Заглавени во традиција на пренесување на престижната улога од татко на син, Венецијанците немале гондолиерка сè до 2010 година. тогаш, 24-годишната Џорџа Босколо донела нов бран во професијата која е темел на древниот град уште од 1094 година.

Босколо ги следи стапките на нејзиниот татко, Данте, кој бил гондолиер повеќе од 40 години. Таа ја добила посакуваната лиценца да води туристи низ лавиринтите и каналите на градот, откако поминала тежок шестмесечен курс. Така станала првата официјално лиценцирана жена „годнолиера“.

Откако вестите за нејзиното работно место се расчуле низ Италија, се очекувала лавина од апликации од други жени. Но, тоа не се случило.

„Не се запишуваат жени“, вели Алдо Реато, претседателот на Гондолиерската асоцијација на Венеција. „Нив прашајте ги зошто. Имаше и други кои се обидоа, но не го положија испитот. Многу жени учестуваат во „регатите“ (трки со гондоли), но за многу од нив не е лесно да станат гондолиерки, особено ако имаат деца за кои треба да се грижат“.

Проблемот со родовата доминација во векови старата венецијанска заедница, повторно беше на насловните страници минатата недела, кога гондолиер објави дека е трансродово лице.

Алекс Хаи ја објави веста на Фејсбук и во интервју за американското радио шоу Radiolab. Хаи го поминал гондолиерскиот испит четири пати како жена, и не успеал ниту еднаш. Вели дека испитувачите се „многу строги“ и ја обвинува асоцијата која има 425 членови дека свесно не му дале дозвола поради неговиот род тогаш. Асоцијацијата ги отфрли обвиненијата, а во 2015 година Хаи доби судски спор за приватно да оперира како гондолиер за хотелски синџир во сопственост на локален „аристократ“.

Реато вели дека не е лесно за никого да го помине гондолиерскиот испит, без разлика на неговиот род.

„Тоа е многу техничка работа и потребни се многу различни вештини, како следење на метеоролошки шаблон“, вели тој. Навигацијата е клучна, како и основното знаење на англиски јазик и доброто разбирање на спомениците во градот. Секоја година има само 40 слободни места на курсот за гондолиери, кои вклучуваат 400 часови со инструктор за користење на едно весло за пловење со гондолата низ каналите.

До денес, Босколо останува единствената жена која официјално смее да управува гондола. Древното пловило со должина од 10 метри е основен начин на транспорт во Венеција со векови. Најпрво вака се превезувале подолните слоеви на општеството, а го прифатиле и аристократите кога јавањето коњи во градот било забрането. До 16-тиот век, од прилика 10.000 гондоли биле управувани низ Венеција. Денес има само 425.

Само уште една жена ги дели водените патишта со Босколо, но во друг занает. Киара Курто, оригинално од Џенова, ја претворила страста за веслање во работа, кога минатата година ги положила испитите и добила дозвола да управува со чамец со рамно дно, познат како „сандоло“. Настрана од гондолите, вакви чамци во Венеција има само 40.

Потребните вештини за управување со „сандоло“ се тешки како и за гондолата. Курто добила лиценца после сличен шестмесечен процес на тренирање.

„Тежок процес е и физички заморувачка работа. Нема многу жени кои сакаат ова да го прават“, вели таа. Додава и дека никогаш не искусила сексизам во занаетот.

„Моите колеги ми покажаа топло добредојде и поддршка“, вели таа.

Но, кој и да ги управува овие древни пловила, има јасна солидарност кога станува збор за чување на традицијата стара со векови. Кога Венеција воведе јавен моторизиран автобус на вода во 1880-тите, гондолиерите го одржаа првиот штрајт. Активизмот се уште трае и денес, а гондолиерите често протестираат против водените таксиња и бродови, со аргумент дека невнимателното возење ризикува животи поради брановите кои ги создаваат и нишаат помалите пловила. Во 2013 година, германски турист почина кога воден автобус удри во гондолата со која патуваше со семејството низ Големиот канал.

„Иронично, службата на гондолиерите се одржа и покрај растот на туризмот, а гондолиерите неочекувано станаа првите кои ја започнаа војната против корозивниот ефект на големите бранови произведени од бродовите, меѓу кои и јавните водени автобуси“, вели Доминик Стандиш, британски професор на социологија кој живее во Италија.

„Неизбежно, тие се претставници на древната традиција на Венеција, против маршот на модерните моторизирани бродови“.

Реалто искрено кажува дека посакува повеќе жени гондолиерки.

„Жените прават сешто денес. Одат на месечината, војуваат војни, па зашто да не бидат и гондолиерки?“.