„Пародија на правдата“ се реакциите на пресудата за убиениот новинар Џамал Кашоги

Суд во Саудиска Арабија осуди осум лица на затворски казни поради убиството на новинарот Џамал Кашоги во саудискиот конзулат во Истанбул во 2018 година, пренесоа локални медиуми.

Пет лица, кои не биле именувани, ќе добијат максимална казна од 20 години затвор. Едно лице добило 10-годишна затворска казна, додека уште две други лица добиле по 7 години затвор, пренесе Еуроњуз.

Семејството на Кашоги, новинар за Вашингтон Пост, кој беше критичар на политиките на Саудиска Арабија, велат дека преку помилување биле спасени пет лица од смртни казни.

Јавниот обвинител на Саудиска Арабија во декември соопшти дека пет лица биле осудени на смртни казни, но пресудата сега е преиначена.

Агне Каламар, експертката на Обединетите Нации која го истражуваше убиството на Кашоги, изјави дека пресудата во случајот со Кашоги е „пародија на правдата“.

„Оваа пресуда нема никаков правен или морален легитимитет. Дојдоја до крајот на процесот кој не беше ниту фер, ниту правичен и транспарентен“, напиша таа на Твитер.

Таа вели дека убијците добиле по 20 години затвор, додека високите функционери кои го организирале и нарачале ликвидирањето на Кашоги биле ослободени од вина од самиот почеток и скоро и да не биле допрени со истрагата и судењето.

Турското обвинителство започна судење против 20 функционери од Саудиска Арабија во отсуство поради убиството на Кашоги, меѓу кои се наоѓа и советник на Крунисаниот принц на кралството, кој беше прогласен за невин во Саудиска Арабија.

Кашоги беше убиен во октомври 2018 година откако влегол во саудискиот конзулат во Истанбул за да подигне документи потребни за да се ожени со неговата свршеница. Турските власти соопштија дека неговото тело било раскасапено и отстрането од објектот.

Саудиска Арабија се обиде да го прикрие убиството, првично убедувајќи дека Кашоги го напуштил конзулатот, за потоа да го промени објаснувањето во тоа дека новиналот загинал во тепачка во конзулатот. Саудиските власти подоцна признаа дека Кашоги бил убиен во умислена акција, но дека таа била изведена без знаење на властите во земјата.

Во извештај на ОН беше наведено дека доказите упатуваат на тоа дека за ликвидацијата било неопходна голема координација со властите, ресурси и финансии.

„Секој консултиран експерт рече дека непоимливо е дека ваквата операција може да се изврши без Крунисаниот принц да биде барем малку запознаен дека таква криминална мисија се спроведува“, стои во извештајот на Агне Каламар.

Кашоги повеќе од една година беше во политички егзил во САД, стравувајќи од политички прогон. Новинарот ги поздрави реформите во Саудиска Арабија од страна на престолонаследникот, Крунисаниот принц Мохамед Бин Салман, но продолжи да го критикува неговото автократско владеење.