Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги одлучи од утре да се зголеми цената на испорачаната топлинска енергија за 14,05% кај трите компании на територијата на Град Скопје.
„Со денешната одлука цената на парното практично се враќа на ниво од јули 2018 година. РКЕ во последните 9 години носеше одлуки со кои сметките за парно континуирано се намалуваат, освен една година кога останаа на исто ниво. Природниот гас е енергенс кој државата го увезува и неговите високи цени влијаат во цела Европа. Ги уверувам граѓаните дека во моментот штом се стабилизира цената на природниот гас одлуката ќе биде ревидирана. До тогаш, упатувам апел до Град Скопје и општините да излезат во пресрет на најранливите категории со финансиска помош. Во исто време Ве информирам дека и Владата ќе преземе соодветни мерки со кои ќе се обезбеди стабилност во снабдувањето со топлинска енергија“, изјави претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.
Тој посочи дека во време на енергетска криза сите мора да се солидаризираат.
Со одлуката во јули 2021 година цената на парното се намали во просек за 4.35%. По ескалирање на енергетската криза во Европа и со огромниот пораст на цените на природниот гас и електричната енергија, дел од компаниите побарале ревидирање на цената за топлинска енергија дури и за 300 отсто, вели Бислимоски.
Во Скопје околу 60.000 потрошувачи се приклучени на централните системи за греење на трите компании.
Вчера, пак, од Регулаторната комисија соопштија дека од 1 јануари за 9,8 отсто се зголемува цената на струјата поради енергетската криза, а се укинува и дневната евтина тарифа.