Парламентарни избори 2020: Излезноста до 19 часот е 45.77 отсто, повеќе лица ги фотографирале гласачките ливчиња

Според податоците од 3.463 гласачки места, до 19 часот на гласање излегле вкупно 830.370 граѓани, односно, одзивот на гласачи изнесува 45.77 отсто, соопшти на прес-конференција портпаролот на Државната изборна комисија (ДИК), Адмир Шабани.

Најголема излезност засега има во изборната единица четири, односно 53.24 отсто, а најмала во изборната единица шест, односно 35.49 отсто. Во изборната единица еден, на гласање излегле 47.4 отсто од гласачите, во изборната единица два 43.4 отсто, во изборната единица три 51.52 отсто, додека на гласање во изборната единица пет излегле 44.89 отсто од гласачите.

„Во изборната единица еден, општина која се издвојува со поголем одзив на гласачи е општината Македонски Брод каде што одзивот до 19 часот е 64.68% и општината Сопиште каде одзивот на гласачи е 53.64%.

Во изборната единица два се издвојува општината Бутел каде одзивот на гласачи е 47.2% и општината Ѓорче Петров каде одзивот на гласачите е 47.56%.

Во изборната единица три, се издвојува општината Берово со 56.45%, општината Лозово со 65.25% и општината Ранковце со 60.37%.

Во изборната единица четири се издвојуваат општините Гевгелија со 62.17%,  општината Демир Капија 62.31% и општината Неготино каде одзивот на гласачи е 62.98%.

Во изборната единица пет, се издвојуваат општината Вевчани со одзив од 64.11%, општината Кривогаштани со 63.1% и општината Демир Хисар со 62.98%

Во изборната единица шест се издвојуваат општините Брвеница со 35.34% , општината Јегуновце со 40.52% и општината Тетово со 40.93%“, соопшти Шабани.

Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска соопшти дека едно лице е приведено и дека против него ќе биде поднесена соодветна пријава поради тоа што го нарушувало јавниот ред и мир на гласачко место во скопското училиште „Ѓорѓија Пулевски“.

Оттаму додаваат и дека едно лице од Дебар е приведено поради тоа што со својот мобилен телефон го фотографирал гласачкото ливче.

Во Кичево, исто така, едно лице го фотографирал гласачкото ливче, а по барање на членовите на избирачкиот одбор ги избришал фотографиите. Од МВР потенцираат дека се преземаат мерки за документирање на настанот, но и дека е констатиран прекршок по член 190, став 2 од Изборниот законик.

Во гласачко место во основното училиште „Живко Брајковски“ во Скопје, едно лице го фотографирало гласачкото ливче, а од МВР посочуваат дека тој е лишен од слобода, но и дека против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Нарушување на јавен ред и мир имало и во Прилеп, односно во дворот на основното училиште „Кире Гаврилоски“, каде едно лице било нападнато, а кај напаѓачот бил пронајден и одземен пиштол. Од МВР велат дека се работи на расчистување на случајот.

До затворањето на гласачките кутии останува уште нешто помалку од еден час. Денеска во земјава право на глас имаат 1 814 263 гласачи кои можат да гласаат на 3 480 избирачки места, за кандидатските листи на 15 коалиции и партии.