Паркови и зеленило за корнењето на жардиниерите: Не отстранивме ниту една здрава садница

Нашите екипи не отстранија ниту една здрава садница туку само исушените и деградираните садници кои по ниеден основ не ја задоволуваа својата функција, тврдат од ЈП Паркови и зеленило – Скопје кои преку соопштение до јавност реагираат на тврдењата на професорите на Шумарскиот факултет, дека се уништува здраво зеленило во жардиниерите во Скопје. Додаваат дека зеленило на булеварите „Гоце Делчев“ и „Александар Македонски“  го уредуваат согласно Програмата за работа на претпријатието, одобрена и усвоена од страна на Советот во Градот Скопје.

„За тоа постои Налог од Град Скопје за замена на нискостеблестата вегетација во средишното зеленило која е стара дваесеттина години и е со големо аерооштетување. При увидот е констатирано дека вегетацијата е составена од различни видови кои не се во добра кондиција и покрај сите стручно-технички мерки преземени во тековното одржување. Исто така истрошен е и површинскиот слој на земјата, што придонесува да се изгуби квалитетниот тревник и почнува да преовладува коровот. Зеленилото кое е изложено на издувни гасови, аерозагадување и огромни температурни амплитуди, насадено пред 18 години навистина има потреба од обнова“, тврдат од јавното претпријатие.

Оттаму додаваат дека со реконструкцијата на зеленилото на булеварот Гоце Делчев ќе се заокружи новото хортикултурно уредување на средишното зеленило на овој булевар, како и на булеварот Александар Македонски со поставување на современ систем за наводнување и зазеленување со уникатни високо естетски садници.

Професорите од Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектира и екоинженеринг пак побара веднаш да запре уништувањето на жарданериското зеленило во Скопје, кое деновиве се откорнува со багери од страна на градските служби. Во реакцијата, потпишана од деканот Кирил Сотировски, се вели зеленилото е во одлична здравствена состојба, со незначителен број исушени садници.

Професорите од Шумарски бараат да запре корнењето на жарданериското зеленило