Паркови и населби ќе се градат над автопат во Хамбург

Автопатот 7, најдолгиот национален автопат во Германија и во Европа (963 километри), поминува низ средината на Хамбург. Низ годините, автопатот станувал се пооптоварен, а сега по него се возат над 152.000 автомобили во текот на еден ден.

За да се справи со растечкиот сообраќај и да ги намали гужвите, градската власт ќе преземе навидум конвенционално решение: автопатот ќе се проширува по целата негова должина низ градот. Но, планот предвидува и справување со бучавата, како и повторно поврзување на деловите на градот кои изградбата на автопатот во 80-те ги разделила. Решението на властите е да се покријат цели делови од автопатот 7, а над него да се подигнат паркови и станбени комплекси.

Паркови и населби ќе се градат над автопат во Хамбург

Проектот, кој се нарекува Hamburger Deckel и според најавите ќе чини околу 700 милиони евра, треба да го намали нивото на бучава до границите утврдени во 2005, што досега властите безуспешно се обидувале да го направат преку поставување звучни штитници.

Изградбата на овој своевиден тунел ќе донесе и други видови корист: ќе се создадат нови зелени површини, заедно со простор за изградба на 1700 нови домови. На неговиот северен крај, планираниот нов парк ќе се поврзе со постоечки паркови, со што ќе се создаде уште еден зелен појас во градот. Работите започнуваат годинава, а проектот треба да биде завршен до 2022.

Лани, градските власти во Хамбург најавија дека започнуваат со спроведување на план со кој треба целосно да се елиминира потребата од автомобили во централното градско подрачје во следните 15 до 20 години. Планот за таканаречената „Зелена мрежа“ треба да создаде услови за непречена и брза комуникација преку пешачки и велосипедски патеки низ центарот на Хамбург.