„Паркирај совесно!“ ќе ги едуцира средношколците од Скопје за правилно и прописно паркирање

Преку едукативниот проект „Паркирај совесно!“ од денеска почнува едукацијата од трета година од средните училишта во Скопје за правилно и прописно паркирање.

„Паркирај совесно!“ ќе се реализира во следните четири месеци од ЈП Паркинзи на Општина Центар (ПОЦ), Министерство за внатрешни работи Град Скопје, Општина Центар и „Коузон Корпорација“.

„Целта на овој проект е да ги едуцира средношколците од трета година во Скопје, како најмлади идни активни учесници во сообраќајот, за правилно и прописно паркирање, да ја развие нивната сообраќајна култура и свест за безбедно однесување во сообраќајот, како и да им помогне да стекнат основни предзнаења за сообраќајот и прописното паркирање“, соопштуваат од ЈП „ПОЦ“.

Од таму информираат дека проектот ќе се одвива во три фази. Во првите два месеци во сите средни училишта во Скопје ќе се одржат интерактивни едукативни предавања за прописно и совесно паркирање наменети за средношколците од трета година како потенцијални идни возачи.

Третиот месец учениците ќе излегуваат на терен заедно со контролорите на ЈП „ПОЦ“ и сообраќајните полицајци и ќе ги предупредуваат сите несовесно паркирани автомобили, а оние кои се прописно паркирани ќе добијат пофалници.

„Со цел да се поттикнат поактивно да се вклучат во проектот, учениците ќе имаат задача да направат интересни фотографии од прописно и непрописно паркирани автомобили на паркиралиштата и ќе ги постираат на социјалните мрежи на проектот со интересни постови и хаштази. Исто така, пред крајот на школската година ќе се тестираат учениците за стекнатото знаење од едукативните предавања. Најдобрите 10 фотографии кои ќе имаат најмногу лајкови, коментари и споделувања на социјалните мрежи и 10 ученици со најдобри оцени на тестирањето ќе добијат награда – патување каде што ќе имаат можност да се запознаат со сообраќајната култура надвор од границите на Република Северна Македонија“, велат од „ПОЦ“.

Дополнуваат дека и лани е реалзиран овој проект успешно, па затоа ќе продолжат да го спроведуваат секоја година.