Парк наместо паркинг – петиција на жителите на стар Аеродром

Повеќе од 250 граѓани за два дена се потпишаа петицијата со која жители на стар Аеродром бараат да не се уништуваат паркот и детското игралиште во нивниот двор, за на тоа место да се изгради паркингот предвиден со деталниот урбанистички план. Како што објаснува за Радио МОФ архитектката Лита Чириќ, една од иницијаторките за петицијата, иако ДУП-от бил донесен во 2012 година, пред неколку дена жителите на трите воени кули на улицата „Руди Чајавец“ дознале дека половина од паркот меѓу зградите, заедно со детското игралиште треба да станат паркинг за автомобили.

„Пред десетина дена приметивме дека почнаа да ставаат некакви ознаки во паркот каде што играат децата и решивме да се распрашаме за тоа што бележат, бидејќи порано требаше да има катна гаража на тоа место која ни ветија дека нема да ја прават. Кога го извадивме деталниот урбанистичкиот план видовме дека има паркинг. Се собравме сите станари од трите кули и покренавме иницијатива за собирање потписи против изградба на паркингот и уништување на детското игралиште и паркот. Речиси сите станари ја потпишаа петицијата“, објаснува Чириќ.

Преку Фејсбук ги исконтактирале општинските власти за најавите за уништување на нивниот парк, по што добиле одговор дека изградбата на паркингот не била предвиден со буџетот за оваа година. Оттаму, вели Чириќ, биле уверувани дека во мандатот на овој градоначалник паркингот нема да се гради.

„Политиката на Општината за негување на зеленилото се однесува и конкретно на паркот меѓу таканаречените воени кули на ул. Руди Чејевац, локација за која на некои портали се појавија шпекулации дека ќе гради паркиралиште. Имено, на тој парк Општината не само што нема намера да гради нешто, туку и ќе инвестира дополнително поголем број нови садници“, се наведува во реакцијата на општина Аеродром која стои на нивниот официјален Фејсбук профил.

Сепак, тврдењата на Фејсбук за аеродромци не се доволни, тие бараат гаранција дека паркингот нема да гради и итно тргање на објектот од ДУП-от на општината. Најавуваат дека наскоро петицијата ќе биде доставена до општинските власти со надеж дека тие ќе имаат слух за желбите на староседелците во населбата. Паркот, велат е култно место,  безбедно за децата, достапно за пензионерите.

„ Наместо зеленило ние имаме згради и бетон, децата повеќе нема каде да си играат. Зошто да се уништува дрвото кое живот значи. Се надеваме дека (петицијата) ќе има резултат и затоа вршиме притисок. Дај боже да им дојде памет на луѓево“, вели Гордана Мандиќ, која синоќа се потпиша на петицијата.

Иако до неодамна тивок, мирен и зелен, градежната инвазија во овој дел од градот последниве години доживува експанзија. Само околу воените кули на „Руди Чајевец“ истовремено се градат пет нови згради.

„Живееме во прашина, во исто време околку нас се градат пет згради. Се бетонира истовремено, не е безбедно за децата. Дури и градинката е полна со прашина и е опкружена со градилишта. Не е само да се изгради туку мора да се поведе сметка и за квалитетот на животот на луѓето веќе живеат овде“, децидна е архитектката Чириќ.

J.J.