Новите еколошки, но целосно отворени писоари кои беа поставени на улиците на Париз, предизвикуваат вознемиреност кај жителите.
Еден од светло-црвените „Уритротр-и“ поставени на Ил-сент Луис, недалеку од катедралата Нотр Дам и со поглед на туристичките чамци кои минуваат на Сена, предизвика непријатност кај многумина. Жителите и локалите потпишаа петиција до градското собрание за да побараат негово отстранување.
„Нема потреба да се стави нешто толку нескромно и грдо во такво историско место“, рече Паола Пелицари, 68, сопственик на венецијанската уметничка продавница.
„Поставено покрај најубавата градска куќа на островот, Хотел де Лазун, каде што живеел Бодлер”, рече таа.
Таа се плаши дека ваков писоар кој е поставен на околу 20 метри од основното училиште, „поттикнува егзибиционизам”.
Дизајнерот на „Уритротр“,збор кој е комбинација на француските зборови за писоар и тротоар, вели дека понудил „еко решение за јавнто уринирање“.
Уредот е во суштина кутија со отвор на предната страна и цвеќе на врвот, каде има слама која се претвора во компост за употреба во паркови и градини.
Но, жителите и бизнисмените на Ил Сент Луис, велат дека писоарот кој е сосема отворен, може да го уништи соседството.
„Тоа е ужасно“, вели 50-годишниот сопственик на блиската уметничка галерија, кој одби да го каже своето име.
„Ни рекоа дека треба да го прифатиме ова, но е апсолутно неприфатливо. Тоа го уништува наследството на островот. Не можат ли луѓето примерно да се однесуваат?“
Ариел Вајл, локален градоначалник, рече дека објектите се неопходни. Властите во Париз ги претставија четирите писоари на местата каде што јавното уринирање беше проблем, а планирано е поставување и на петти ваков писоар.
„Ако не правиме ништо, тогаш мажите едноставно ќе уринираат на улица”, рече Вејл. „Ако ова навистина ги мачи луѓето, ќе најдеме друга локација“.
Фемнистките ги опишуваат новите писоари како дискриминаторски.
„Тие се поставени на сексистичка основа: мажите не можат да се контролираат [од гледна точка на мочниот меур] и така целото општество мора да се прилагоди”, рече Гвендолин Којупод од француската феминистичка група „Femmes Solidaires.“
„Јавниот простор мора да се трансформира за да предизвика минимална непријатност. Апсурдно е, никој не треба да уринира на улица.“