Париз ќе ги направи трајни пешачките премини во боја на виножито како одговор на хомофобијата

Откако се појавил хомофобичен графит на еден од пешачките премини обоени во боите на виножитото поради Геј Прајдот, градските власти на Париз одговорија со тоа што ваквите пешачки премини ќе ги направат трајни.

„Париз е град прибежиште, кој ги прифаќа вредностите на Републиката за слобода, еднаквост и братство. За овие вредности да се зачуваат засекогаш, пешачките премини во бојата на виножитото направени за Геј Прајдот, ќе останат трајни“, напишала градоначалничката на главниот град на Франција, Ан Хидалго на Твитер, пренесува Еуроњуз.

Пред Прајдот, на 14-ти јуни, неколку пешачки премини во квартот Мараи, каде се лоцирани поголемиот дел од геј баровите и ноќните клубови во Париз, биле декорирани со привремени ленти во боја. На еден од нив потоа се појавил натпис со хомофобична навреда: „ЛГБТ диктатура“ и „Хидалго оди си“. Градоначалничката одговорила дека ваквиот вандализам „нема да помине несанкционирано“.

Графитот е само еден од повеќето хомофобични инциденти кои се случиле во Париз околу Прајдот. Во петокот, анти-ЛГБТ активист бил уапсен откако го симнал знамето со боја на виножитото поставено пред францускиот Парламент.

И покрај овие инциденти, илјадници граѓани маршираа на годишната ЛГБТ парада која се одржи во саботата.