Париски сон, македонска реалност за дипломираниот криминалист Ристе Самарџиев

Каде завршуваат дипломираните криминалисти е прашање кое го поставува секоја нова генерација на високобразовните институции за безбденост, а кои по завршувањето на студиите само ја надополнуваат бројката на армијата невработени кои чекаат работа, пишува Фактор.

Париски сон, македонска реалност за дипломираниот криминалист Ристе Самарџиев

Ристе Самарџиев има 27 години и е дипломиран полициски офицер од втората генерација запишани студенти на некогашната Полициска Академија во Скопје, а сегашен Факултет за безбедност. Откако од неговото родно Градско завршил во француската гимназија во Неготино, како ученик на генерацијата, во 2005 -тата се запишал на Полициската академија во Скопје. Тука поминал две студиски години и добил стипендија од Француската Влада и нивното Министерство за внатрешни работи, за да ги продолжи студиите на нивното Високо државно училиште за полициски офицери во Париз. И , вели полека сонот почнал да му се остварува, но само за кратко!

„Студиите ги завршив во 2008-ма и по завршувањето се вратив веднаш во Македонија. Пресреќен што навреме успеав да се стекнам со искуство и знаење од областа на безбедноста. Поднесов барање и побарав нострификација на мојата диплома стекната во странство, која ја добив дури по шест месеци. Сепак со неа добив стручен назив -дипломиран полициски офицер, што е еквивалент на дипломиран криминалист на Полициската академија исто како и моите колеги со кои ги започнав студиите. Инаку, високото државно училиште на кое ги продолжив студиите во Париз е установа за потребите на француското Министерство за внатрешни работи која продуцира кадри од областа на безбедноста со чин “лиеутенант”, или во превод, тоа би значело инспектори кои имаат втор чин по големина во нивната хиерархиска подреденост во полицијата. Ја добив дипломата и си помислив-се враќам дома-таму да го пренесам знаењето”-вели Ристе Самарџиев.

По враќањето во Македонија, дипломираниот криминалист Ристе Самарџиев, самоуверен и среќен побарал средба и прием кај Министерката за внатрешни работи, кое не го добил, но за неговиот случај, кој вели е единствен досега во Франција, се ангажирало и Француското полициско аташе со седиште во Скопје. Во интерни средби со министерката го образложиле неговиот проблем со невработеноста. Од македонското Министерство му одговориле дека ќе биде ставен на приоритетна листа на чекање. Но, од тогаш поминале шест години. На Ристе Самарџиев, сеуште му останала нерешена дилемата што треба се да знае човек за да може да ги помине овдешните филтри за вработување?!

„Жал ми е што по принципот партиски клуч во полиција се вработија илјадници нови кадри кај нас, но ретко кој од дипломираните од Полициската акдемија. Проблемот со вработувањето единствено го решија десет -дванаесет дипломирани студенти кои се вработија по рамковен договор или партиски. Моментално работам обезбдедување во една приватна компанија во Кавадарци, колку да го извадам лебот и како млад човек да не зависам од домашните. Јас ја делам сличната судбина со моите колеги кои се дел од армијата невработени криминалисти и кои се далеку од платени или почитувани во агенциите за обезбедување, а честопати и не ги примаат можеби од страв од конкуренција. Не ретко дипломиран криминалист ќе сретнете и како таксист, продавач и слично.Разочаран сум и се прашувам и покрај познавањето на англиски и француски јазик, ригорозната обука и испити, но и навистина тешката стручна подготовка во Франција, а плус и две години во Македонија, што се друго е потребно да се стигне до соодветно работно место? Па, дали, си мислам, овие квалификации, или барем дел од нив се бараат и за конкурсите кои ги распишуваат кај нас?“ вели Самарџиев.

Целиот текст може да го прочитате на Фактор.