Парична казна за српски активисти поради упад на промоција на книга на воен злосторник

Осум активисти од Иницијативата на млади за човечкови права од Белград онлајн собираат пари за да ја платат судската казна која им е изречена затоа што пред речиси две години упаднале на промоција на книга на осудениот воен злосторник Веселин Шљиванчанин. Промоцијата ја организирала партијата на претседателот Александар Вучиќ.

Веселин Шљиванчанин

Станува збор за поранешен командант на југословенските воени сили кој учествувал во битката за Вуковар. Хашкиот трибунал го прогласи за виновен за помагање во измачувањето на хрватските заложници во Вуковар.

Упадот на промоцијата се случил во јануари, 2017 година, во војводинското село Бешка.

Судот во Нови Сад ги казни активистите со вкупно 4000 евра, односно по 400 евра за секој, плус судските трошоци.

Софија Тодоровиќ е една од осудените активисти. Таа во изјава за српското Радио Слободна Европа вели дека мора да плати казна затоа што од државата побарала да не промовира воени злосторници.

Во текот на промоцијата тие го открија транспарентот со пораката – „Да замолчат воените злосторници, за да прозборат жртвите“.

„Сакаме држава во која не е нормално сите да молчат додека владејачката партија промовира и ја водат осудени воени злосторници во Србија“, вели Тодоровиќ.

Преку онлајн акцијата досега успеале да соберат третина од потребната сума.