Средношколска „Паратисима“ работилница за креативно пишување

Интернационалниот саем на современа уметност „Паратисима Скопје“ објави конкурс за средношколци кои сакаат да учествуваат на нивната работилница за креативно пишување, која ќе се одржи на 10, 11 и 12 јуни.

Целта на работилницата е да ги поттикне младите кои се заинтересирани за пишување да почнат да размислуваат за соодветна насока во која би го граделе својот израз. Учесниците ќе бидат вклучени во интерактивно предавање, дискусија, читања и вежби. Пишувањето е главен дел од работилницата, а секој учесник ќе има можност да напише повеќе текстови/песни кои потоа ќе бидат презентирани и објавени.

Работилницата ќе ја водат истакнати македонски писатели и поети чија задача е да го претстават креативниот процес кој стои зад пишаниот збор. Исто така, учесниците ќе имаат можност да се претстават како млади автори, да остварат контакт со други кои ги делат истите книжевни интереси и да бидат дел од нашата мала, но убава, книжевна сцена.

За пријавување на конкурсот потребно е да се испратат следните информации: Име и презиме, возраст, Гимназија/Средно училиште, број и лик од книжевно дело (со објаснување зошто тој лик е одбран, од 150 – 250 карактери), една приказна или две песни на следната Е-адреса: contact@paratissimaskopje.mk .

Паратисима е интернационален саем за уметност посветен на поддршка и промоција на културата, уметноста и креативните индустрии. Поврзувајќи ги постоечките мрежи во секторот на култура и креативност, Паратисима нуди можност за соработки и поттикнува раст на нови, органски мрежи кои се во согласност со иновациите и потребите на тековните пазари на културата и уметноста.